Уште со истражувањата на НАСА од 1958 година, воспоставена е комфорната зона на температура помеѓу 4 и 35 степени целзиусови, во која, кога влажноста не преминува 50 проценти, луѓето можат да престојуваат неограничено долго. Но, надвор од оваа зона, колку висока температура може да поднесе човечкото тело?
И покрај бројните пред се, воени истражувања, на ова прашање нема единствен, општ, а прецизен одговор. Различни личности, можат да издржат различни температурни екстреми, а тоа зависи и од начинот на облекување, физичките активности, струењето на воздухот, заслонетост од сонцето…И најмногу, од влажноста на воздухот!
При многу висока релативна влажност на воздухот човек може да биде загрозен и на 35 степени, додека пак, во пустините, каде што воздухот е исклучително сув, луѓето можат да издржат и десеттина минути на 60 степени целзиусови.
Вообичаено се смета дека на температура повисока од 54 степени за човечкиот организам неизбежен е топлотен удар. Ова може да се случи и на многу пониски температури, а на тоа можат да влијаат лековите што ги зема, алкохолот, возраста…
При топлотен удар се случуваат вртоглавици, крварења, колапс на кардиоваскуларниот систем, конвулзии, кома, откажување на мускулите и органите и во најтежок случај, смрт!
Овдешните температури, колку и да се непријатни, не се животно загрозувачки, но само доколку престојувате во проветрени, разладени простории, земате доволно течности и избегнувате да бидете изложени на сонце во најтоплиот дел од денот.