Триото Букршлиев, Омерагиќ, Спировски утревечер во Македонски паб Ѕе во Скопје ќе одржи концертна промоција на албумот Long Slow Fall. Како што наведуваат организаторите, триото Букршлиев, Омерагиќ, Спировски со албумот Long Slow Fall се појавува како редок пример на современа импровизирана музика што одбива да се стабилизира во една форма, жанр или естетска рамка
Tриото Букршлиев, Омерагиќ, Спировски со албумот Long Slow Fall се појавува како редок пример на современа импровизирана музика што одбива да се стабилизира во една форма, жанр или естетска рамка. Наместо тоа, нивната музика постои во состојба на постојано лизгање, пропаѓање и повторно појавување – како процес, а не како завршен објект. Овој албум не е збир на композиции во класична смисла, туку динамична мрежа од ситуации, гестови и реакции, во кои фри џезот функционира како метод, а не како стил.
-Во жив контекст, оваа музика добива дополнителна димензија. Концертот на триото е простор на радикална непредвидливост: структури што се појавуваат и исчезнуваат, лирични фрагменти што ненадејно се распаѓаат во шум, електронски текстури што се судираат со акустична експресија, ритмички импулси што постојано се редефинираат. Џезот тука не е жанровска одредница, туку отворено поле низ кое музичарите слободно маневрираат, флуктуирајќи помеѓу лиричност, ноиз, апстракција и сурова енергија.

Она што особено ги одликува настапите на Филип Букршлиев, Дени Омерагиќ и Нинослав Спировски, се посочува, е нивната изразена игровност. И покрај комплексноста и ризикот што ги носи ваквиот пристап, музиката зрачи со виталност, хумор и телесна енергија. Секој концерт е колективна игра на слушање и реакција, во која ништо не е однапред договорено, но сè е длабоко поврзано.
-Ова е покана за влез во еден нестабилен, возбудлив и отворен музички свет — концерт што не нуди сигурност, туку интензивно искуство во кое падот е бавен, но никогаш предвидлив, наведува организаторот.
Промотивниот концерт на албумот Long Slow Fall ќе се одржи во Македонски паб Ѕе, утревечер, со почеток во 21 часот.
Влезот е 200 денари, а со секоја купена влезница посетителите ќе добијат download код за дигитално преземање на албумот.
Албумот може да се преслуша на следниов линк: https://aksioma.bandcamp.com/album/long-slow-fall-2