Сутерен.мк

Корпоративна забава или, критика на чистиот ум

Бев на една корпоративна забава за Нова година и мојата другарка од пиење се онесвести во купатилото. Еве сега, не оговараат и двете дека сме пијаници и ороспии.

Недоветни


Недоветни дарлинг, следниот пат кога ќе се напиете цитирајте им делови од „Метафизика“ на Аростотел, „Критика на чистиот ум“ од Кант или нешто од раните копнежи на Кјеркегор и Хајдегер (свиткајте нешто на салфетка во џебот), по што претпоставувам, она „пијаници“ ќе го заменат со „боеми“ (патем, одвратен збор).

Недоветни ќе останете, ама сепак, ќе бидете во некоја поприфатлива категорија за овој град кој е изграден од добрата волја на Финци, Руси, Романци, кои врз пилевината од масовната надеж за граѓанство создаде пивтиеста маса на мегаломански индивидуални фантазмагории за аристократија. После 1963-та, секако.

Пред таа, ’63-та, „славните“ Водно, Капиштец, Дебар маало… беа стрништа, полни со капини и трње. Меѓутоа, тоа не ги спречи „дивонаселените“, со веќе својата втора генерација (родена некаде после 1955-та ) сите останати да ги нарекува така, како што ги нарекува.

Тоа се тие всушност, кои го убија духот на овој град. Паразитите, кои ни наметнаа дека се многу паметни, креативни, инспиративни, оригинални – со ателјеа и бараки и куќи – се’ гратис од народот – на Водно, Матка, Сарај, Тафталиџе, Капиштец, а дали некој едвај чул за нив, макар од Танушевци до Долно Дупени, никој од масата со едвај завршено осмо одделение не се запраша. Ниту пак, помисли дека и правнуците им ќе ни го јадат џигерот.

Не можете да се борите со некој кој мисли дека „Малиот принц“ е книга за возрасни.

Дека треба да бидат селебрити, ако повеќе од трипати се потпишале некаде со целото свое име и презиме.

Променете го друштвото. Под итно…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *