Урсула фон дер Лајен останува уште пет години на врвот наа Европската комисија. Таа денеска (18.07) беше реизбрана за претседателка на ЕК со 401 од вкупно 720 пратеници во Европскиот парламент. Против беа 284 пратеници, а воздржани – 15. Гласањето беше тајно.
Продолжува каде што застана
Првите пет години од мандатот на Фон дер Лајен беа обележани со кризи и војни: Корона, рускиот напад врз Украина и последователната енергетска и инфлациска криза.
„Поминавме низ сито и решето, но на многу начини сме посилни отколку пред пет години“, рече Урсула фон дер Лајен (ЦДУ) за време на изборната кампања. Реизбраната шефица на Европската комисија се профилираше како кризен менаџер и решена е да ги продолжи проектите што ги започна.
Најголем предизвик ќе остане спротивставувањето на руската закана и интегрирањето на Украина во ЕУ. „Ние сме сидрото на стабилноста“, рече Фон дер Лајен за себе и за нејзината демохристијанска пратеничка група во Европскиот парламент, чија шпиценкандидатка беше на европските избори.
Загрозените демократски структури и владеењето на правото во земјите-членки на ЕУ се централен проблем за ново-старата шефица на Комисијата. По изборните успеси на десничарските популисти во Франција, Холандија, Германија, Австрија, Италија и други земји, таа сака да покаже јасен став.
Фон дер Лајен ветува: „Ќе изградиме бастион против екстремите, лево и десно. Ќе ги спречиме“.
За време на предизборната кампања, изгледаше како Фон дер Лајен да може да замисли да работи и со деснопопулистичката „Браќа на Италија“ на премиерката Џорџа Мелони. Тоа ѝ донесе критики од многу страни, вклучително и од нејзиниот демохристијански претходник на функцијата, Жан-Клод Јункер.
Работа барем до 70
Урсула фон дер Лајен има 65 години и, се разбира, можеше да се пензионира, но поранешната германска министерка смета дека и натаму треба да работи. Фон дер Лајен вели дека е родена Европејка.
Навистина, таа пораснала во Брисел како ќерка на функционер на ЕУ, а подоцна и премиер на германската покраина Долна Саксонија. Студирала економија и медицина, а направи кариера во германската ЦДУ и беше министерка за одбрана во кабинетот на канцеларката Ангела Меркел.
По скандалите околу набавките во Бундесверот и консултантски договори во нејзиното министерство, Фон дер Лајен немаше против да го напушти Берлин и во 2019 година да се пресели на чело на Европската комисија.
Понудата беше целосно изненадување. Шефовите на држави лии влади на ЕУ не можеа да се договорат за нов претседател на Комисијата, додека шефот на француската држава Емануел Макрон изненадувачки не ја извади Фон дер Лајен од шеширот.
Клима и капитал
Демохристијанката Урсула фон дер Лајен започна пред пет години како предводник во заштитата на климата. Таа реализира „Зелен договор“ со бројни закони кои треба да доведат до климатска неутралност на континентот до 2050 година.
Фон дер Лајен сака да се држи до тој договор, со маргинални промени за поединечни прашања. Сомнежите во оваа намера се појавија во предизборната кампања за вториот мандат. Но, дури и Зелените во Европскиот парламент по разговорите со Фон дер Лајен признаваат дека таа очигледно сака да се држи до својот курс.
Еден од приоритетите ќе биде формирање унија на пазарите на капитал на ЕУ, најави претседателката на Комисијата. Затоа што има потреба од приватен капитал и инвестиции за финансирање на трансформацијата на економијата кон дигитално и зелено производство. Фон дер Лајен предвидува годишно да се мобилизираат над 400 милијарди евра.
„Европа треба да испорача“
Одлучувачки фактор ќе биде дали ЕУ ќе се држи заедно во следните неколку години или ќе биде под поголем притисок од автократите во Пекинг и Москва и од можниот американски претседател Трамп.
И внатре не е сè во совршен ред. Унгарскиот премиер Виктор Орбан е деклариран противник на Урсула фон дер Лајен. Тој ги обвинува Брисел и бирократите за многу неправилности и ја отфрла или ја одложува поддршката за Украина организирана од ЕУ.
„Нашата Европа не е совршена. Но, тоа не смее да го замагли погледот кон она што го постигнува нашата Европа. Како заедница, можеме да понудиме подобри аргументи. И јас сум убедена дека демократијата е нашата најдобра предност“, рече Урсула фон дер Лајен пред партиските поддржувачи во мај.
Сега, во соработка со земјите-членки, мора прво да ја состави својата нова комисија. Следуваат детални сослушувања воЕвропскиот парламент. Преземањето на функцијата за следните пет години ќе се случи веројатно на 1 ноември.
„Граѓаните од нас очекуваат да испорачаме, да испорача една силна Европа“, е кредото на Фон дер Лајен за следниот мандат.
Антон Хофрајтер (Алијанса 90/Зелените) е претседател на Комисијата за европски прашања во германскиот Бундестаг. Тој за Фон дер Лајен вели дека докажала оти може да испорача. Сега таа всушност треба да го спроведе она што е ветено, најавено и одлучено.