Драга моја Дарлинг, те молам за голем совет. Имам постар брат со кого сме израснати сами без мајка, постар е од мене шест години, и секогаш се однесувал кон мене заштитнички. Се ожени на 20 години, многу млад. Проблемот е што после толку години брак и препреки во животот тој си зема за храброст да си најде љубовница!
Премногу ги сакам сите и не сакам да се растури семејството, но ако не им оди секогаш сум била пододбро за добар развод отколку лош брак. Арно ама тој не сака да се откачи ни од едната ни од другата. И сега дали јас како сестра да се замешам во тоа и да им помогнам, ако можам или не.
Мислам дека ако поразговарам со него би можело да се смени нешто, би ме послушал или да одам јас да поразговарам со љубовницата? Мојата снаа која ја сакам како сестра се уништува и размислува на самоубиство! Поздрав и чекам одговор.
Избезумена сестра!
Избезумена сестра дарлинг, едно нешто немојте никогаш да заборавите: тој е братот кој не ве повредил! Тој не ве изневерува вас, туку сопствената сопруга!
Ја разбирам вашата загриженост, но неговото семејство е негова обврска. Доколку тој не побарал помош од вас, не гледам зошто би си го пикале носот во туѓи работи.
Секако, можете да поразговарате со него, но пристапете му како на брат, а не како на човек кој прави прељуба. Прашајте го дали е задоволен од животот, што го мачи, што го радува, разговарајте како блиски кои се потпирале еден на друг, а не како обвинител и обвинет. Очигледно тој се уште не расчистил што сака или кога го сака тоа, ако знае што?!
Изгледа љубовницата не притиска премногу па и нема потреба за драстични одлуки. Јасно е и дека не ја почитува доволно вашата снаа за да ја земе сериозно нејзината закана за самоубиство. Впрочем, кој би почитувал слабак кој се заканува со такви глупости!? Какви се тие зборови, да не речам уцени!? Сеедно дали имаат или не деца зарем на таа жена единствена причина за живот и е верноста на некој маж!? Па бил тоа и ваш брат!?
Побарајте стручна помош за вашата снаа, нека поразговара со некого, но вие стојте настрана од туѓите брачни кревети. Чии и да се. Со љубовницата се разбира дека немате ни причина, ни тема за разговор!
Патем, сопружниците во средни години тешко се одлучуваат на развод зашто се соочени со многу стравови, кои се однесуваат на децата, осаменоста, материјалната сигурност…
Жените многу почесто се одлучуваат да ја напуштат брачната заедница, но исто така, тие и полесно остануваат во лош брак, ако економски се зависни од партнерот.
Наспроти нив според експертите, мажите најчесто ја трпат непријатноста на заедницата заради децата. Зашто знаат дека мајката ќе остане блиска со нив и по разводот за разлика од таткото. Со разводот тие го губат контактот со нив, што е најчесто точно и токму затоа не се решаваат на овој чекор.
Колку и да го сакате семејството на брат ви, не можете вие да го организирате нивниот живот. Вашиот приоритет е јасен. Крвната врска, која тоа засекогаш ќе остане, што и да се случи…
(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)