Сутерен.мк

Лакмус: Зошто да (не) отидете во Буши ресорт & спа?

Концептот на “staycation” т.е. одмор без да го напуштите вашето место на живеење, особено во овие пандемично-драматични времиња (сеедно што се повеќе попуштаат мерките за физичка дистанца) е нешто што на Западот се повеќе се практикува.

Некој си англиски Џејмс и некоја си германска Хеике, одамна ја знаат магијата на “бегство за викенд”, не по нашки со кола натоварена краставици и домати, туку некаде каде што цел викенд ќе бидете служени и ќе имате шанса да се одморите. Еден хрватски стенд – ап комичар, Влатко Штампар, кога ја исмева Колинда кога не можеле да и најдат резиденција како писка: “ У Шератон, там могу мислит” доста добро ја погоди есенцијата на сево ова.

Нема деца, куче, мачки, домашно, прашина, ф’станот што со недели сакате да го носите на поправка (читај проширување), некој друг готви, брише прашина, мести кревети и се тоа, само за вас. За 9000 денари можете да си поминете како да сте биле не знам каде, и да имате прилика да го вратите сјајот во вашиот брак, врска, сексуален живот, па и во самите себеси. Тајната, секако е да знаете да го “извозите тој момент”, што би рекле некои култни ликови од 90-тите и да знаете како да се спакувате, што да одберете за јадење И како да не бидете “ошурени” бидејки во секој хотел на светот има мени во мени за добрите познавачи на теренот и мени во мени за новозбогатените дебили (дај од тоа најскапото!). А бидејки ти “дарлинг” си дел од буржуазијата и нејзиниот дискретен шарм ти, ќе го избереш она првото.

Прво да се договориме околу пакувањето. За неа: костим за капење, по можност едноделен, дека сепак е подецентно и сме од другата страна на Вардар. Дојди облечена во неутрални тонови и природни материјали. Лен, волна, памук, но гледај да е трико или жерсе за максимум опуштена спортска елеганција. За него: добри пантолони, фармерки, мокасини, кошула или џемпер на В (изгорете ги тие хорори со ¼ патент). Спакувајте убав црн фустан за вечерта. Не како за на опера. Од мат материјал. Можеби шик ѓердан. Ништо повеќе. За него еве, пантолони од лен во потемна боја, мокасини и добар парфем (и за вас де, ама за него особено). Чек – ин  е во два.

Ресторанот е навистина убав и “аладин” лустерите и кенделабрите не се воопшто толку вулгарни колку што би мислеле дека се вон контекст. Долу се гледа цела чаршија. Виста-та е различна од вообичаента скопска. Нема брутализам, но има голема доза шармантен ориент. Е сега… Менито е големо. Тоа значи дека има шанса да бидете многу разочарани од одредени јадења, бидејки не може цело километарско мени да е еднакво прецизно подготвено и свежо. Карпачо од лосос или телешко е најдобриот избор. Порцијата е обилна и би била идеално предјадење за двајца или со помфрит – одлично главно јадење. Скарата за двајца е ОК, но не и фантастична. Мини шарската е одлична. Сепак, во духот на “да заборавиме на грижите”, кромидоина не е идеалниот букет мириси за тоа што неминовно следи. Вината се на Тиквеш и Бовин. Можеби би требало да има и неколку интернационални вина. Алас, не се лоши и една питка Темјаника би била перфектен избор за карпачото.

Во осум часот кажете им да остават две мали Темјаники во спа центарот. Одете во соба и трк во џакузи. Преку ден е зафатено, но сега, празно е и само ваше. Спа центарот е прекрасно осветлен и, ако тука не ви се создаде хемија, време е за развод. Во собата, легнете си. Не мора да водите љубов. Направете го тоа изутрина. Без притисоци. Пресоблечете се за појадок. Магичен начин да го поминете неделното утро.

Појадокот е огромен, омлет од три јајца, јајце на око, три парчиња тост, ајвар, прекрасни сирења, салами… Кафето одлично! Чек – аутот е во 11 часот, но да е во 12 би било добро, а во 13 часот – фантастично! Сепак…

Остатокот од денот поминете го во Стара чаршија. Потрошете уште илјада денари. Нека бидат 10,000 вкупно. Дали е ова фриволно? Можеби… Но, која е цената на вашата ментална благостојба? На вашите ендорфини? Оделете ги овие пари и отидете. Впрочем, во Веро да отидете на екстравагантен викенд шоппинг со слична сума ќе поминете, а еден од вас ќе биде обесен на шпорет. „Удри бригу на весеље“, попростачки или „throw caution to the wind“, пософистицирано.

Буши Ресорт & Спа

Соба 4200 ден

Вечера 5030 ден

Чаршија 770 ден

Амбиент ****

Храна ****

Соба ***

Спа центар *****

Дали вреди *****

Вкупна оценка: 4,33

Автор: екипа на suteren.mk

*Фотографиите се само илустрација и не го прикажуваат реалниот амбиент во споменатиот објект.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *