Сутерен.мк

Магдалена Андоновска: Во исчекување на македонскиот Џими Хофа

Во демократските држави постојано се случуваат штрајкови. Исто и кај нас. Штрајк на просветните работници, на студентите, на вработените во железничкиот сообраќај, на возачите на градските автобуси, на државната администрација, на вработените во градската хигиена…

Ама за прв пат колку што јас се сеќавам во поновата историја на земјава, се организира штрајк на пензионерите. Делува изненадувачки. Особено поради фактот што во сите досегашни предходни Влади, пензионерите беа на врвот на нивната агенда, каде добиваа постојани поволности, почнувајќи од етапно зголемување на пензиите, па се до најразлични ослободувања и угодности како што беа бесплатен автобуски превоз, бесплатно бањско летување, па дури и бесплатно зимување. Токму затоа изненадувачки делуваат најавите за штрајк. Причини за ваквиот потег се повеќе бројни.

Ако се суди според изјавите на пензионерите точката на нивното трпение е веќе надмината. Со овие финансиски средства, како што велат тие, не можат да си дозволат достоинствен живот, се разбира откако цените на основните продукти веќе неколкупати се зголемија, а пенизиите добија исклучително мало процентуално зголемување (или такво е во најава). Затоа нивното барање е линеарно зголемување од 3.500 денари, за секој пензионер, без разлика во која група спаѓа.

На овие барања најповиканата, Владата долго молчеше ( се до моментот кога пензионерите од цела држава не се собраа пред Владата) и не даваше некој конкретен одговор, но затоа здруженијата на пензионерите се многу гласни.

Ако нештата се одвиваа според нормалниот тек, здруженијата на пензионерите, односно нивните раководства требаа да бидат на улица заедно со пензионерите, чија обврска е да ги застапуваат. Но, со оглед на тоа дека во оваа држава се е изместено, па така можеме да видиме дека раководствата на пензионерските друштва делуваат како мегафони на Власта (го кажуваат она што Владата долго не можеше јасно или не сакаше да го каже), односно дека барањето за линеарно покачување од 3.500 е невозможно. Да помисли човек дека државната каса и целиот пензиски фонд е во рацете на претседателите на пензионерските друштва.

Па така оставени сами на себе, пензионерите самите се организираа и го реализираа штрајкот, додкека нивните лидери се состануваа со преставници од Владата.

Кога ја гледам оваа ситуација ми текнува на Џими Хофа. Најпознатиот синдикалец, кој според сите досегашни сведоштва (за кого има снимено повеќе филмови) иако имал црни петна во неговата кариера, како што е соработката со мафијата, сепак не може да се занемари фактот дека навистина стоел зад работниците. Македонските пензионери го немаат Џими Хофа, имаат една госпоѓа која гостуваше во вестите на една телевизија, каде држеше предавања за тоа што преставува пензискиот фонд, а кога се изгасија камерите слушнавме како се потсмева со оваа група на граѓани.

Министерката за труд и социјала, пак, долго избегнуваше да зборуваа на оваа тема, освен кога како расипана лента повторуваше како процентуално ќе се зголемуваат пензиите, по штрајкот излезе со став дека линеарното зголемување на пензиите е назаконско.

Дали со ова е завршена, односно изгубена битката на пензионерите? Можеби, се додека не се најде македонскиот Џими Хофа, кој сигурно го има во нивните редови, и не и покаже на Владата колкав е всушност нивниот број.
Или, пак, додека Владата не го сфати она што сите предходни Влади добро го знаеа, односно дека оваа група на граѓани е најревносен гласач, кој може да одлучи кој ќе победи на изборите, особено на овие или на некои наредни избори, со оглед на тоа дека младината се иселува или воопшто не е заинтерсиорана да излезе да гласа.

(Авторката е долгогодишна новинарка.)

*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *