Сутерен.мк

Магдалена Андоновска: Дедо Мраз во мај

Изборите за претседател на државата и состав на идната Влада се во полн ек. Караваните на политичките партии ја минуваат државата на долго и на широко, посетувајќи го секое населено место, се со цел да реализираат што е можно повеќе контакти со гласачите. Со тие што треба да им ја доделат функцијата. Со тие што треба да ги изгласасат идните народни избраници.

Веќе речиси еден месец не можете да гледате некој филм или серија на телевизија, бидејќи во највозбудливиот момент од екранот ќе ви се појави некој од “седуммината величествени “, кој ќе ви каже дека тој е вистинскиот кандидат за шеф на државата. Кога гледам телевизија или поточно кога ги гледам спотовите на претседателските кандидати, се чувствувам како да сум во некој матрикс филм.

Како да се зборува за некоја друга земја, не за Македонија. Земја во која младите вљубено се шетаат по парк и напредуваат во својата кариера, иако секојдневно читаме вести за тоа колку млади семејства се иселиле од Македонија, поради не можноста да најдат солидна и добро платена работа. Велат дека сме земја во која издржливоста се исплатува, арно ама во реалноста постојано гледаме дека на врвот на некоја институција или компанија доаѓаат лица без соодветно образование или знаење, и кои ама баш ич не биле трпеливи да почекаат да се надградат за да стигнат до позицијата.

Од изборните пораки дознаваме дека криминалот ќе се казнува. Одлично, но да не биде тоа само теоретски, бидејќи некако мистериозно на многу лица што требаше да бидат зад решетки, им застарија делата, или тоа беше поради европскиот закон со кој се одбрани криминалот?

Велат дека сме земја во која НАТО ни го чува небото, а на трпезата имаме трошки. Земја во која се е наопаку. Или телевизорот ни е наопаку? Или спотот е грешен?

Но, ако им се верува на фотографиите и снимките од митинзите, не може да не се каже дека овој напатен народ колку пати и да бил излажан до сега,на крајот сепак, одбира достоинствено во своето населено место да ги пречека политичките лидери и кандидати за шефови на државата, и да ги сослуша. Да слушне што имаат да кажат или ветат овој пат. Гласот на народот е последен. Знае дека топката е во неговите раце. Одново верува дека овој пат ќе биде подобро. Дека овој пат навистина ќе огрее сонце за сите.

Верува дека нема да мора да бара врски за да оди на еден обичен лекарски преглед. Дека цените на храната нема само на телевизија да се намалуваат. Верува дека платите ќе се зголемат, а пензиите ќе бидат достоинствени за оние кои цел век работеле. Верува дека нема да мора да оди на гурбет в туѓина, а неговите деца ќе се вработат. Навистина верува. Барем додека ги гледа спотовите на телевизија, и токму затоа им ја отвора вратата од домот на политичките кандидати за претседатели и пратеници.

Верува затоа што има надеж. Како девојчето со кибритчињата. Како божиќните приказни и филмови во кои сите желби се исполнуваат, сите го добиваат тоа што го сакаат, вљубените се сретнуваат и се си доаѓа на свое место.Но, сега сме април, наскоро мај. Месецот кога се гласа. Може ли во пролетните месеци да ја почуствуваме магијата на Дедо Мраз? Да ги замислиме политичките партии и нивните кандидати за претседател на државата, како дедо мразовци? Веројатно можеме.

Затоа што ним им треба нашиот глас. Токму затоа мораме да им кажеме што сакаме да ни донесат, не да чекаме тие самите да извлечат подарок од торбата ( читај програма) што мислат дека ни треба.

Да им кажеме дека мебелот во Владата никако не може да биде поважен од столчињата и клупите во училиштата.

Да им кажеме дека секое дете треба да има нови учебници кои ќе ги плати државата, а не распарталени книги кои се неупотребливи.

Да им кажеме дека престојот на Клинички Центар (во кој одиме поради неопходност) е полош од престојот во некој затвор.

Да им кажеме дека мора да најдат начин за насилството конечно да почне да се казнува.

Да им кажеме дека не веруваме во судот, бидејќи во државава кадија те тужи, кадија те суди.

Да им кажеме дека оддамна не сме безбедни дома.

Списокот е долг. Секои избори се подолг. Ќе им треба многу поголема торба, ако навистина одлучат да ни ги исполнуваат желбите. Барем нам, кои се уште не сме ја напуштиле државата.

(Авторката е долгогодишна новинарка.)

*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *