По осамостјувањето на Македонија, многумина Македонци оддамна иселени од земјава, оставиле аманет на нивните поколенија да дојдат да го посетат ова парче земја, од каде што некогаш заминале нивните прародители. Еден од нив, чие потекло неговото семејство влечело и од егејска Македонија, одлучил покрај Македонија да ја посети и Грција.
Границата ја минувал со американски пасош каде е роден и живее со години. Граничниот службеник долго гледа во неговата патна исправа, а потоа оддеднаш го прашува која е неговата националност. Нашинецот одговара дека е Македонец. Службеникот е видно вознемирен, (впрочем ова се случува во раните деведесеети, кога ембаргото од страна на Грција е се уште свежо), жестоко го прашува… Како тоа Македонец, ти имаш американски пасош, значи си Американец… Каков Македонец… Нашинецот многу релаксирано му одговара … “Во Америка сите сме Американци, но дали знаете дека мојот татко на американска почва стигнал од Југославија? Дали бил само Југословен, а не и Македонец? А тие пред него, за кои ми раскажуваше дошле, како што велеа од ‘бившата’, веројатно мислеа на државата пред формирањето на југословенската држава. А што беа тие? Господине, малите држави понекогаш имаат ‘газда’, и добиваат патна исправа од ‘газдата’, но националноста на луѓето што живеат во неа останува иста.”
На оваа приказна, која е вистинита, а која патем ја имав оддамна заборавено, се присетив деновиве, во жарот на дебатата меѓу Македонија и Бугарија за тоа чиј е Гоце Делчев? Што бил по националност, Бугарин или Македонец? Секако и на барања на Бугарија, да признаеме дека македонскиот јазик има бугарски корени, доколку сакаме се разбира да ја деблокира нашата европска иднина.
Кога се противиме на ова барање, министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева не бербати по светот дека го славиме Тито! И статива министерке Захариева! Ги погоди во срце половина Македонци. Ги налути до смрт. Тотално ги намали шансите за било каков напредок. Веројатно никој не и кажал на “Шеќеркава“ дека половина граѓанство од поранешна Југославија, додуша тајно, се уште се изјаснуваат како Југословени.
Ќе беше забавно ако ова се случуваше предтриесеттина години. Но за жал сето ова се случува во оваа 2020 година. Кога живееме во Европа со отворени граници, без визни бариери, и кога се бориме да го застапуваме концептот на граѓански држави. Време, кога треба да го живееме сонот на таткото на новата Европа, Жан Моне. Време, кога националноста треба да биде најмалку значајна, наспроти меѓунационалната и меѓудржавната соработката на полето на науката, економијата, образованието… Ете токму сега во новиот век, за вакви прашања, ние спориме со Бугарија.
Ќе речете тоа за Балканот и не е така чудно. Да можеби. Но, чудно е за Европа која молчи пред ваквите барања на Бугарија. На Европа на која сакаме да и се приклучиме, токму поради високите граѓански вредности, правото на самоопределување и слобода на изразување и избор. Ако истата таа Европа молчи пред ваквите барања на Бугарија, тогаш легитимно е да се запрашаме каде тоа ние сакаме да се приклучиме?
Знам дека немаме друга алтернатива, но оваа лакрдија, се надевам дека нема да не натера и ние да постапуваме како Бугарија, па да почнеме да бараме, на пример од Турција да признае дека Кемал Ататурк е Македонец од Битола! Така ќе ги блокираме и така долгите преговори на оваа земја со европската Унија. Или, уште појако да одиме, и да почнеме да тврдиме дека Кристифор Колумбо има македонско потекло и да се искараме со Шпанија. А Исак Њутн? Не. Не ни врши тој работа. Велика Британија излезе од Унијата. Ах да, Цар Самоил! Или едноставно да се вратиме на Александар Македонски и да почнеме нов круг разговори и договори со Грција?
Ѓаволот ја однел шегата овде.
(Авторката е долгогодишна новинарка.)