Сутерен.мк

Магдалена Андоновска: Паричка за надеж

Првата прослава на Нова година се случила пред 4 000 години во древниот Вавилон, кога првата млада месечина по пролетната рамноденица ја одбележала годината, додека во 46-тата година п.н.е. Јулиј Цезар го создал календарот, според кој годината започнува со 1 јануари. Овој месец бил наречен така во чест на Јанус, богот на почетоците, и токму затоа точно на полноќ, кога ја испраќаме старата и ја дочекуваме Новата година си посакуваме убави желби.

Сите држави на земината топка ја започнуваме годината на први јануари.Разликата ја прави временската зона, па така први ја дочекуваат жителите на островските држави Тонго, Самоа и Кирибати, по кои следуваат Нов Зеланд, Австралија, Јапонија, Јужна Кореја…

Без оглед дали новата година ќе пристигне два часа порано или подоцна, таа сепак започнува на први јануари. Разликата за новогодишните празници кај државите се чини дека е во начинот на нивното прославување, односно во обичаите. Па така Мексико и Грција за празниците подготвуваат специјални новогодишни торти во кои се крие мала награда. Оној кој ќе го добие парчето со наградата се верува дека ќе го следи среќа целата година.

Нешто слично што во Македонија се прави со лепчето со паричка за Бадник, или тука некаде, како во Шведска и Норвешка каде се сокрива бадем во сутлијашот. Нешто поразлично е во Шпанија каде за Нова година точно на полноќ се јадат 12 зрна грозје за годината да им биде плодна. Традиција која настанала во 1909 година, како резултат на суфицитот на грозје, и која подоцна се проширила во Португалија, Венецуела, Куба, Мексико, Еквадор и Перу.

И ако овие земји според традицијата на обичаите што ги прават за Божиќ или Нова година, посакуваат бериќет и благодет во годината што следува, земјите од Јужна Америка, посакуваат конкретни нешта. Посакуваат пари. Па така за празниците јадат зелка, кељ и слични зелјести растенија, затоа што зелените листови од овие растенија ги симболизираат банкнотите, или, пак, мешунки кои ги означуваат монетите.

Без оглед на начинот, односно традицијата со која се дочекува новата година, барањето е исто. Наредната година да биде подобра од таа предходната. Природно е да посакуваме да ни се случуваат убави нешта. Да посакуваме само бериќет за нас, за нашето семејство за државата, (иако од државата научивме дека не треба да ни бидат големи очекувањата).

Научивме дека треба да се концентрираме само на нашите желби. Оние малите кои понекогаш ги криеме и од нас самите. За да не чуе злото. Можеби звучи себично, но време е да се посветиме на нас самите, ако за тоа имаме можност. Можност за избор. Можност за дејствување. Не верувам дека како нација сме ја игубиле амбицијата. Таа постои во секого од нас. Можеби сме ја изгубиле вербата во институциите, но никако не смееме да ја изгубиме вербата во себе.

Практикувањето на традиционалните обреди не е ништо друго освен надеж, а празниците доаѓаат за да не потсетат дека треба и натаму да се надеваме. Да сонуваме. Да се убедиме дека можеме да бидеме многу подобри луѓе, или, пак да ги потсетиме сите оние околу нас дека злото ниту само доаѓа, ниту пак само си оди. Но, за да го направиме тоа најнапред треба самите да се прашаме колку од нас навистина длабоко во себе ја посакува или е спремен за промената.

Колку во нас остана сила за да веруваме или учествуваме во промените, бидејќи тие мора да се случат. За доброто на идните генерации со кои треба да ја спречиме белата чума. Поразителни се бројките од пописот. Цели села веќе немаат жители. За очекување е на наредниот попис да не постојат некои помали градови, бидејќи нивните жители се веќе жители на некоја друга земја на некој друг град.

Ниедна програма на сите досегашни Влади досега не успеа да ги задржи младите дома, бидејќи тие сфатија дека надвор можат да бидат поуспешни од дома. Поразително за сите политичари кои утре на некои наредни избори ќе нема пред кого да држат митинг, или тој во Скопје ќе биде доволен. Токму затоа оваа година божиќното лепче со паричка нека биде за идните генерации на кои не смееме да дозволиме да им ги уништиме соништата како што гоа го сторивме со нас самите.

(Авторката е долгогодишна новинарка.)

*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *