Сутерен.мк

Магдалена Андоновска: Патување низ спомените

Пред извесен период го гледав филмот „Патување низ спомените“. Интересна научно-фантастична приказна во која главниот лик приватниот детектив на умот Николас Банистер, на своите клиенти на специфичен начин им овозможува да патуваат низ минатото. Покрај тоа што имаат можност по неколку пати да ги оживеат за нив најдобрите моменти од минатото, неговите клиенти имаат можност да допрат и до некои изгубени спомени, на кои не се сеќаваат или не сакаат да се сеќаваат.

Всушност, проблемот настанува кога сеќавањата различно се доживуваат кај клиентите, или кога едно пријатно сеќавање дава информации за некое друго, на кое клиентот не сака да се сеќава. Иако сите клиенти сакаат да се вратат во минатото за повторно да ги доживеат убавите моменти, сепак не секое патување назад може да биде пријатно.

Додека ја гледав оваа научно-фантастична приказна, неминовно помислив на Македонија. Кога би постоела можност (како во филмот) некој да легне во таа када со вода, и со помош на електродите да се врати длабоко во минатото на земјава, мислам дека многу работи би ни станале појасни. Добро би било тој некој да биде политичар чија специјалност е дипломатијата, или, пак некој историчар по можност член на историската комисија, кој така талкајќи низ времињата, ќе може да даде одговор на многу прашања, кои ете денес се камен на сопнување и го закочуваат нашиот пат кон европската Унија.

Не дека Македонија нема доволно зачувани пишани документи, кои се уште стојат во витрините и фиоките на универзитетите, музеите, Архивот на Македонија ….туку затоа што истите политичарите не сакаат да ги читаат. Не сакаат да покажат колку се неуки, и колку се не соодветни за функцијата која ја извршуваат, и поради чија непрофесионалност, сите ние сме доведени до ситуација, да се сомневаме во сето она што досега сме го знаеле и учеле.

Историчарите, пак, чија професионална обврска е да ги соопштуваат и елаборираат научните факти, речиси и никој не ги слуша, со исклучок на нивните колеги кои се дел од комисијата, а кои историјата ја толкуваат како што сакаат, или како што некој ќе им каже.

Ставовите можат да се променат, но историјата не може, затоа што таа не е запишана само во нашите учебници.

Запишана и зачувана е во многу светски архиви. Но, изгледа дека само кај нас ќе се менува. Не е далеку денот кога ќе видиме јавно палење во “Дрисла“ на сите историски книги и факти, а можеби и целиот Архив на Македонија како во филмот “Фарејнејд 451“. Кога ќе започне ново испишување на историјата, која ќе биде наменета само за новите генерации, кои патем патем ќе живеат во нова држава, и ќе зборуваат на нов јазик. Не е ова сцена од филм. Не е ниту сценарио за нов филм. Ова е реалност која се создава тука и денес.

П.С.

И да ја имаме можноста виртуелно да патуваме низ минатото, веројатно повторно нема да ја слушнеме вистината, бидејќи сме прифатиле некој друг да ни ја раскажува и создава.

(Авторката е долгогодишна новинарка.)

*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *