Сутерен.мк

Магдалена Андоновска: Простување

Неодамна го прославивме верскиот празник Прочка. Вообичаено на овој ден помладите барат прошка од постарите доколку згрешиле нешто во изминатата година, обраќајќи им се со зборовите простете.Тие одговараат со простено нека вие. Овој ден според верските толкувања е денот кога сите треба да се помират еден со друг и да ја остават лутината зад себе, колку и да била таа голема или оправдана. Да го заборават оној момент во кој биле кажани зборови што пресекле подлабоко од секоја сабја и го дупнале срцето посилно од секој куршум.

Може ли во духот на празникот устата да ги изговори зборовите простено нека тие е, иако капијата на срцето останала затворена? Дали зборовите за простување за Прочка се само уште една обврска за простување, иако срцето вели не простувам, зошто не можам да заборавам?

Простувањето е лична одлука на секој од нас, иако очекувањата на другите се да се кажат зборовите ти простувам. И што ако се кажат зошто тоа некој го очекувал од нас, ако ние не ја чуствуваме таа емоција во срцето. Дали со тоа ги лажеме оние другите дека сме им простиле, или се лажеме себе си дека сме ги исполниле очекувањата што се барале од нас. Велат треба да се издигнеме над чувствата и со поинаква емоција да го живееме тој ден. Верувам дека секој од нас може тоа да го стори затоа што е празник, но што бидува на денот по него или пак деновите по него, бидејќи устата зборувала, ама срцето останало затворено.

Срцето не се затвора одеднаш. Тоа оди полека, полека со годините. Со секое ново неверство. Со секоја нова рана која правела пат тоа да се затвори, иако секоја година за Прочка велело, простено нека ти е. Секому. И на оној кој никако не залужил простување. Се простувало затоа што во срцето се се собирале емоции, кои тој ден морале да функционираат на некоја друга повозвишена фрекфенција. Недофатлива висина која ја голтала нашата несовршеност и создавала уметност од неа. Година в година. Се до оној момент кога срцето веќе не можело да ја слушне милозвучната мелодија.
Колку пати треба да простиме? Секоја година затоа што имаме обврска тоа да го направиме за Прочка? Колку треба да веруваме во извинувањата на они кои го бараат нашето простување?

Имам чувство дека многумина така едноставно велат простете ми, затоа што така налага христијанскиот обичај за празникот Прочка, а веќе ден или два по него ги прават истите грешки за кои барале простување. Колку возвишени треба да бидеме за да ја надминеме оваа лага, или, пак како и тие, и ние треба да влеземе во маркетингот на празникот, и како во рекламен спот да ги кажуваме тие зборови за простување, без при тоа да веруваме во нив. Веројатно е најдобро така. Бидејќи тоа е единствениот начин да се заштитиме од само повредување и повторно преболување на неверството. Да го научиме срцето да молчи, а главата да не мисли. Механички да велиме простено ти е. Така сите ќе бидат задоволни. Но, можеме ли себе си да си простиме затоа што лажеме? Ќе мораме. Мораме да имаме поголема и поширока рамка за разбирање за себе си, бидејќи околината околу нас функционира по принципот на лагите.

Лековерноста е веќе надмината кај секој од нас. Се надевам дека политичарите го сфатиле тоа, и токму затоа ќе бидат внимателни со ветувањата што ќе ги даваат во текот на изборната кампања. Би требало да знаат дека веќе не веруваме во шарени лаги, иако велиме ви простивме затоа што минатиот пат не излажавте. Го можеме тоа? Секако. Сите ние на кои сеуште нешто ни значи државата го можеме тоа. И го правиме. Простуваме за грешките со тоа што повторно одиме да гласаме. Одново и одново, даваме шанса. Тоа е нај елоквентен пример за простување. А срцето? Во срцето само ние знаеме што имаме.

(Авторката е долгогодишна новинарка.)

*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *