Според истражувањето на компанијата „Зип регрутер“, бројот на работни места за кои е потребна факултетска диплома постојано се намалува од почетокот на пандемијата. Предвидувањата се дека до 2030-та година, околу 60 отсто од новите работни места ќе бидат за професии за кои нема да биде потребно високо образование.
Оваа истражување било направено врз основа на анализа на милиони профили на корисници на огласи за вработување на „Линкдин“ во периодот од 2021 до 2023 година, а според кое најбрзорастечки сектори што нема да бараат факултетска диплома се консултантските услуги, маркетингот, истражувањето, човечките ресурси, медиумите и комуникациите.
Кога го прочитав истражувањето од кое остапувам само мал дел како информација, морам да кажам дека воопшто не се изненадив. Наведените професии како медиумите, комуникациите, маркетингот и до некаде истражувањата (до некаде затоа што се уште не научиле да читаат бројки) за кои во иднина нема да се бара универзитетска диплома, се вусшност, оние кои подолг период се киднапирани од страна на таканаречените надри лекари. Својата „експертска“ диплома ја добија и усовршија благодарение на појавата на интернетот, особено на социјалните мрежи, каде секојдневно даваат мислење, суд, обвинение и по некој совет од нивното “богато“ искуство.
Овие надри лекари имаат „иљач“ за секоја болка, појава, сознание, а богами и стручно мислење за глобалните текови на економијата и политичките превирања во светот. Секогаш спремни да го соопштат својот став за актуелните состојби во политиката во државата, но и без проблем да елаборираат за случувањата во Газа. Да ни појаснат што значи да бидеш патриот (при тоа цитирајќи мисли од познати македонски дејци, што во суштина не ги разбираат), но и да ни кажат, ама така да ни го плеснат в лице, што значи да бидеш предавник.
Не знам дали навистина го прошетале светот, ама секогаш имаат да ни раскажат приказна за некое нивно искуство што го добиле патувајќи по белиот свет, со особен заклучок дека тоа ние и не можеме баш да го разбереме затоа што не сме го доживеале, ниту пак сме имале контакт со европската и светската администрација и дипломатија.
Токму овие “експерти“ чиј број секојдневно се зголемува и кои без око да им трепне го проширија своето делување, па така не ретко можеме да ги видиме и на телевизиските дебати, каде исто така “стручно“ се борат да ни ги објаснат нештата, го киднапираа новинарството во земјава до тој степен, што тотално ја испоганија оваа некогаш благородна професија. Ја претворија во пластелин со кој се создававаат фигури без значење и минимум пристојност, при тоа камуфлирајќи ја својата неукост со таканаречена слобода на говор на социјалните медиуми.
Без никаков проблем мислат дека можат да пишуваат колумни во кои даваат мислење и стратегии за состојби што воопшто и не ги разбираат. Па уште и даваат најави за тоа што што ќе говорат во нивното следно писание, чиниш сон нема да не фати додека не го видиме објавено на социјалните мрежи.
Се дрзнуваат да говорат за маркетинг, а во животот не реализирале ниту ден работа во оваа област. Зборуваат за комуникации, а личниот фонд на зборови не им е поголем од дваесетина зборови, бидејќи последната книга што ја прочитале била онаа во основно училиште.
Кројат стратегии за благосостојба и напредок на младите, а се уште живеат со мама и тато. Ги навредуваат оние кои ја напуштиле земјава, затоа што види според нивните истражувања ( за кои никој не чул) во Македонија можело да се живее убаво! …
Сето ова се нарекува “стручна“ ескпертиза за која не е потребна диплома, доволни се само лајкови.
(Авторката е долгогодишна новинарка.)
*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk