Сутерен.мк

Македонија е најзагадена во Европа

Анализата на податоците собрани со користење на најсовремена методологија, вклучувајќи детални сателитски снимки и читања од повеќе од 1.400 мониторинг станици, откри страшна слика за загадувањето на воздухот, каде што 98 отсто од луѓето живеат во области со високо ниво на ПМ честички кои ги надминуваат упатствата на Светската здравствена организација (СЗО), тврди британскиот медиум Гардијан.

Речиси две третини од Европејците живеат во области каде што квалитетот на воздухот е повеќе од двапати полош од препораките на СЗО.

Најпогодена земја во Европа е Македонија, каде речиси две третини од населението живее во области каде нивото на ПМ2,5 честичките е повеќе од четири пати повисоко од препораките на СЗО, додека во четири области загадувањето е речиси шест пати поголемо, вклучувајќи го и главниот град Скопје.

Ситуацијата во Источна Европа е значително полоша отколку во Западна Европа, со исклучок на Италија, каде што повеќе од една третина од оние што живеат во долината По и околните области дишат воздух кој е четири пати позагаден од препораките на СЗО.

Гардијан соработуваше со експерти за загадување за да создаде интерактивна мапа која ќе ги открие најпогодените земји на континентот.

Измерени се честичките ПМ2,5, кои најчесто се резултат на согорување на фосилни горива, од кои некои можат да поминат низ белите дробови и да влезат во крвниот систем, а со тоа да влијаат на речиси секој орган во телото.

Сегашното упатство на СЗО вели дека годишната просечна концентрација на ПМ2,5 не треба да надминува пет микрограми на кубен метар.

Новата анализа покажа дека само два отсто од европското население живее во области кои се во оваа граница.

Експертите велат дека загадувањето со ПМ2.5 предизвикува околу 400.000 смртни случаи годишно низ целиот континент.

„Ова е сериозна јавно здравствена криза“, рече Роел Вермулен, професор на гранката на епидемиологија која се занимава со влијанието на факторите на животната средина врз човековото здравје од Универзитетот во Утрехт, кој предводеше група истражувачи од целиот континент кои споредуваа податоците.

„Она што е сосема јасно е дека речиси сите во Европа дишат нездрав воздух“, додаде тој.

Сообраќајот, индустријата, греењето и земјоделството се главните извори на ПМ2,5 честичките, а нивното присуство обично е најголемо во најсиромашните заедници.

Загадувањето на воздухот стана клучно прашање во Европа, додека самата ЕУ е под притисок да стори повеќе за да се санира јавната здравствена криза.

Минатата недела, Европскиот парламент гласаше за упатствата на СЗО за ПМ2.5 честичките до 2035 година.

Законот, кој допрва треба да биде финализиран во преговорите со Европскиот совет, ќе ја ограничи концентрацијата на ПМ2,5 честички на 5 микрограми на метар кубен, што е значително помало од сегашните 25 микрограми на метар кубен.

Сепак, експертите предупредуваат дека итно треба да се дејствува.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *