Сутерен.мк

Македонија наскоро ќе има само 1,3 милион жители

Државниот завод за статистика укажува дека до 2070 година, населението во земјата може да се намали за 35 проценти

Најголемата закана за иднината на Македонија е демографијата – населението забрзано старее и државата забрзано се празни. Проценките се дека бројот на население во земјата во наредните години може да се намали и за 35 проценти. Проекциите на Државниот завод за статистика укажуваат дека до 2070 година може да дојде до енормно намалување на населението на 1.3 милиони лица. Миграцијата останува најсериозен и најзагрижувачки проблем. Намалувањето на населението се должи повеќе на иселување, отколку на ниската стапка на наталитет.

Светскиот извештај за миграции за 2020 година ја вброи Македонија меѓу 20-те држави со највисока стапка на иселување. Според предвидувањата на експертите, се очекува оваа тенденција да продолжи.
Според многумина, најголема причина за иселувањето е корупцијата. Сѐ повеќе луѓе се иселуваат не поради ниската плата, туку поради квалитетот на животот.

За 20 години од земјата емигрирале околу 200 илјади граѓани, или 9 отсто. Во 2002 година вкупниот број на млади на возраст од 15 до 29 години изнесувал над 480 илјади, или 24 отсто од вкупното население.

На последниот попис бројката е 362 илјади, или 18 отсто од вкупниот број на население. За 20 години бројката на оваа возрасна категорија е намалена за над 150 илјади, односно за една третина.

Сите седум проекции за населението во Северна Македонија до 2070 година упатуваат на намалување на вкупното население во земјата. Набљудувано по проекциски варијанти, населението на земјата, од појдовните 1.832.000 во 2022 година, до крајот на проекцискиот период би се движело во интервал од 501.200 (константна варијанта), до 1.485.700 (варијанта без миграции).

Доколку ништо не се промени и останат параметрите од 2022 година, вкупното население до 2070 ќе се намали на 1,3 милиони жители. Проекциите се под претпоставка дека во земјата и регионот нема да има војни, ќе има нормална и стабилна внатрешнополитичка состојба, во првата половина на 2030-тите ќе се заврши процесот на асоцијација во ЕУ, ќе има економски развој и нема да има големи здравствени состојби.

Актуелната старосна структура, ниските репродуктивни норми на населението, старосниот модел на морталитетот и општествено-економските прилики кои поттикнувачки делуваат на иселувањето од земјата, се само некои од поважните чинители кои одлучувачки ќе дејствуваат на демографскиот развој во наредниот половина век.

Забрзувањето и успешното спроведување на економските и општествените реформи, како и завршувањето на процесот на европска интеграција, со преземање на долгорочни секторски политики, би можеле значително да ги ублажат последиците од неповолните трендови во иднина, што би овозможило, евентуално до средината на 21 век, да се создадат услови за демографско опоравување на земјата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *