Резултатите од ПИСА тестирањето, спроведено во 2022 година покажуваат дека македонските средношколци се на 61-во место според резултатите по математика, а на 71-во место по јазична писменост од вкупно 81 држава.
Учениците постигнаа 380 поени по природни науки, што ја рангира државата на 68. место во Европа, соопшти Министерството за образование и наука.
Резултатите ги објави Организацијата за европска соработка и развој (ОЕЦД).
Според Министерството, негативните последици од ковид-пандемијата врз квалитетот на образованието во глобални размери ги потврди и меѓународната ПИСА студија спроведена во 2022 година.
На претходното ПИСА тестирање, кое се спроведе во 2018 година, македонските средношклолци беа рангирани на 67-мо место од 77 држави учеснички во читање со разбирање и математика и 63-то место по природни науки.
ПИСА е едно од најпознатите и најкредибилни меѓународни тестирања кое ја мери писменоста, односно применливото знаење што му е потребно на ученикот за да го продолжи своето образование и да успее во личниот и професионалниот живот.
Задачите во тестовите се поврзани со реални ситуации во кои може да се најдат учениците, и преку одговорите не се мери репродуктивното, туку функционалното знаење, кое е важно за поврзување, разбирање и решавање на проблеми.