Пациентите со ментални болести во Бардовци не се справуваат само со сопствените здравствени проблеми, туку стравуваат и за своите животи. Безбедноста во Психијатриската болница е на стаклени нозе. Опасноста доаѓа од судскиот оддел каде што пациентите кои издржуваат затворски казни се чуваат во отворени одделенија и предизвикуваат проблеми. Последниот случај беше откриен по видео-снимките на кои се гледа како човек осуден за убиство, тепа други пациенти.
Во судското одделение на психијатриската болница во Бардовци, Скопје, вратите се отворени, иако овие 35 лица кои се лекуваат внатре се затвореници со криминално досие. Освен тоа, тие претставуваат висок ризик бидејќи се ментално болни и во нивните досиеја стои дека имаат извршено убиство или обид за убиство. Но, според статутот на болницата, иако треба да има затворски чувари, болницата има отворени врати и ментално болните луѓе со криминално досие можат да излезат во секое време, како што гледате сега.
Новоименуваниот директор на оваа институција Мухсин Арифи вели дека болницата ја затекнал во мизерна состојба, па бара од министерствата за правда и здравство, како и од Јавното обвинителство, Кривичниот суд и Управата за спроведување санкции да преземат итни мерки. Тој тврди дека некои од видеата објавени пред неколку месеци покажале континуирано насилство.
„Моментално нема, има лице медицински техничар и медицинска нега кои се постојано со тие пациенти. Во тоа одделение има 35 пациенти со две лица медицински персонал. Отсуството на стражари им овозможува слободно да влегуваат и излегуваат кога сакаат. Од првиот момент кога дојдов имаше поплаки, конкретно од тоа одделение, дека медицинскиот персонал и другите пациенти се постојано изложени на ризик“, рече Мухсин Арифи, директор на Психијатриската болница „Бардовци“.
„Тоа не се случува сега, туку со години и жал ми е за тоа. Преземавме мерки првпат, имаше и полиција. Доколку е потребно, ќе бидат ангажирани и правосудните органи за да не се повтори, а ние сме тука да помогнеме во рамките на министерството“, рече Фатмир Меџити, министер за здравство.
Врз основа на Законот за заштита на правата на пациентите, Државниот здравствен инспекторат донесе одлука со која на здравствената установа ѝ се наложува да ја гарантира личната безбедност на пациентите за време на нивниот престој таму. Од Инспекторатот информираат дека по извршениот вонреден надзор побарале од Бирото за јавна безбедност во текот на следните 30 дена да има 24 часовно полициско обезбедување на одделението за да се воспостави ред и да се спречат понатамошни несакани настани. Поднесено е и барање до Министерството за правда за ставање во услуга на затворската полиција.