Сутерен.мк

Маскирана (не)искреност

Мојата сопруга постојано ме критикува и обвинува за се лошо што ни се случува. Никогаш не бев доволно добар, доволно паметен, доволно вреден за неа. За ништо мене не ме бива, јас сум крив што немаме пари, што таа не е доволно платена, што живееме така како што живееме. Ми се смачува од сето тоа, но не знам што да правам?

Дане, 48


Дане дарлинг, постојаното барање вина кај другиот е чиста манипулација на обвинувачот за да стане моќен и го држи другиот под контрола. Некои се вадат велејќи дека само се искрени, но зборот е погрешен зошто постојаното наметнување на вина некому за сенешто е чиста бруталност. За да се создаде страв и скрши отпорот. Во здравите релации има разговор и решавање на проблемите. Зашто постојат заеднички цели. Кавги секако дека има и треба да има, но не може секогаш да биде виновна само едната страна.

Кога сакаш некого, важна ти е неговата радост. Му помагаш да напредува, да се развива, да се чувствува добро.

Вие сте во ситуација сосема обратна од онаа која носи напредок во животот, кога во емотивно зрелата врска и двајцата се прифаќаат онакви какви што се. Се друго е притисок. Ваквиот вид на агресија некои психолози велат дека им е својствена на луѓе кои се чувствуваат беспомошно, несакано и невредно.

Бидете стрплив и обидете се да ја натерате сопругата на отворен разговор за тоа што ја мачи. Од што се плаши? Зошто не ви верува? Кои се причините што нејзината самодоверба е толку ниска?

Многу често луѓето се венчаваат со поприлично идеализираната слика за партнерот, а не со реалната личност. Растурете го маскенбалов. Разговарајте поштено…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *