Матурантката Ања Спасовска од кумановската гимназија „Гоце Делчев“ освои трето место на меѓународната олимпијада по хемија „IchO“. Бронзениот медал, Спасовска го освои заедно со врсници од две скопски гимназии во конкуренција од 330 ученици од 83 држави од светот
Олимпијадата се одржа онлајн, а годинава домаќин беше Кина. Ања се натпреваруваше и лани на Олимпијадата која поради ковид-состојбата се одржа онлајн. Тогаш домаќин беше Јапонија.
„Успехот не доаѓа преку ноќ“, вели Ања, која се вљубила во хемијата во основно образование, по што се надоградувала во изминативе години. Таа редовно учествувала на општински, регионални и државни натпревари по хемија што ги организира Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Дневно, пред натпреварите, одвојува по шест часа за учење.
„Кога ќе стигнеме до државен натпревар, првите десет од секоја категорија, прво, второ и трето имаат право на селекција која се одвива во јануари. По таа селекција се одбираат првите десет, следат подготовки што ги организираат професорите од Факултетот, нè подготвуваат, следи уште една селекција и се одбира тимот, претставник на Олимпијадата. Имаме тест од пет часа со осум до девет проблеми од различни области од хемија и секој го решава сам“, раскажува Ања.
Бронзениот медал, Спасовска го освои заедно со врсници од две скопски гимназии во конкуренција од 330 ученици од 83 држави од светот. Олимпијадата се одржа онлајн, а годинава домаќин беше Кина. Во македонскиот тим учествуваа и Дарко Стојчев, матурант од гимназијата „Јосип Броз Тито“, кој освои бронзен медал и Филип Бојаџиевски од скопската гимназија „Орце Николов“.