Спонзорирани ли се, спонзорирани шминкерајските маки големи. Наутро телефон сврти си, навечер парички брои си
Се претворивме во спонзор држава. Во која етникумот е поделен на две групации: спонзори и спонзорирани. Останати (читај: мнозинство) нема. Оти, тие не можат ни лични карти да си извадат зашто спонзорираните не можат да се договорат околу „ситницата“ наречена – обрасци. Значи, тие не се битни, битни се горенаведените страни, кои живеат во совршена симбиоза. Или, да се изразам со соодветен речник, од една страна се оние со „сина“ крв – спонзорите – а од друга страна, оние со „модра“ – спонзорираните. (Бидејќи и самите со синило во крвта, кога ќе им се вбригзне плус синевина едноставно, помодруваат.) Е сега…
Нема да зборуваме од кај им се парите на спонзорите (Министерството за финансии ќе остане без работа) туку, како да се добие – барем малку – модричка крв?
Училишта за учење на занаетот „спонзориран“ кај нас нема (ултра тајните добротворни здруженија, кои одржуваат курсеви на оваа тема, не ги есапиме, затоа што нели, се ултра тајни, а каналите за контакт ги знаат само тие – што ги знаат) иако, евидентна е потребата од вакво нешто.
Што да се прави во состојба на алармантен недостаток од вакво ортопедско помагало? Учете . Учете од оние што секојдневно ги гледате. Од квази – интелектуалци, кои ах, ќе ве молам, така светликаво си го создале светот околу себе, всадувајќи си во главата од никаде произведена идеја дека смо тие и само тие, треба да бидат спонзорирани. То ест, учете од „ѕвездите“ телевизиски, кои се „облечени светски“. Оние, цици, маци, фаци, муфи, фафи, пафи речник, кои ја враќаат облеката што ја носат и рекламираат. Сега, како да ви кажам дека наредниот ден може да купите некој партал во кој/а се препотувал/а некој/а цуц/а. (Другото што праеле, ви оставам на фантазијата.)
Учете од оние, кои мислејќи дека се големи „миленици на мецени и хуманисти“ направија од земјава еден огромен панаѓур. Кои придонесоа да не се знае, не кој јаде, а кој пие, туку ни кој од чиј џеб плаќа. Учете од оние, кои јавно кажуваат како се добрале до пари за да си ги задоволат бедните егзибиционистички пориви. Демек, свртеле телефонот на персоната со „донаторска склоност“ и му кажале едноставно, дека ги боли глава. Просто како грав: веднаш се префрлаат стотина илјади марки на нивната сметка и, нема несоница. Мислите лесно е…
Мојата очајна потреба да се извлечам од сутеренот до барем, мансарда ме натера да го напишам следново:
- Имам потреба од мојата неотмена, груба, елементарна, банално – фрустрирачка, субстандардна, потстанарска, пролетерско – ретроградна, класно смачкана и социјално терминаторска состојба да и се обратам на вашата благонадежна, шармантно – пикантна, лежерно – креативна личност со надеж дека ќе ми излезете во пресрет.
Знам дека постои опасност да не ја постигнам потребната виенска интонација која ќе ги замагли вашите дарежливи очички меѓутоа, се надевам дека сепак, партитурата за потпури и пицикатото ќе бидат доволни господине Фон Дер, да извлечам дел од вашиот трудно, чесно и со пот заработен капитал.
Ветувам дека ќе бидат правилно искористени. Дека со нив ќе се обидам да излезам од бекграундот на мојата андергрунд реалност, дека конечно, раат ќе заспијам.
Не само што ќе заспијам, ами ќе паднам што би рекло вашето француско воспитание, во „реф д’ор“.
Ветувам дека мојата прозаична и мачна појава ќе ја заменам со една прилично фам – фатал авангарда.
Се прашувате – што ќе имате вие од тоа?
Господине Фон Дер, ќе ве молам!?
Ќе имате творечка наслада, афирмативна моќ, логичката сугестија дека можете да создадете стил, шмек ќе ви зајакне до гранитна цврстина. Освен тоа, така заспана и божествена , веќе нема да ви додевам. Барем, не вам.
Резултатот од оваа рапсодија во сино? Ништо. Ништица. Ѕиро. Зеро. Чиста – нула. (Ех, Фердана, моја страдна душо. Џабе бил и шминкерајот и рокенролот. Треба да си роден во сини пелени, за да добиеш модри.)
Сепак, од ваквиот пораз некако и ми олесна. Оти, меѓу сината и модрата боја, секогаш ќе ја изберам црвената.
Бранка Н. Доневска
„Екран“, 1999 година.