Сутерен.мк

Мики Манојловиќ: Сите отидоа во мајчина им

Како прво, човекот не се вика Мики, туку Предраг Манојловиќ. Како второ, не е само ѕвезда, туку е интернационална ѕвезда. Како трето, неговата сосем куса биографија: роден е во семејство на театарски актери во 1950 година. Театарската кариера ја започнува во Народниот театар во Белград, а во 1974 година му тргнува и со филмот и тоа со улога во ТВ серијата „Отпишаните“.

Набрзо потоа серијата „Бос в трње“ („Грлом у јагоде“) му носи голема популарност. Следуваат бројни филмски улоги, награди, интернационални проекти…

Разговоров со него е воден веднаш по скопската премиера на филмот „Џипси меџик“ на Столе Попов, а Мики се однесуваше како секој вистински господин: без никакви стратегии, легури и пози. Напротив.

  • Вашето вистинско име е Предраг, но се „викате“ Мики. Дали е тоа последица од улогата на Мики Рубироза во „Бос в трње“?

– Не, не… Мајка ми ме нарече Мики уште како бебе, бидејќи бев прилично буцкаст. Од нејзе ми е тоа Мики, па така ми остана. Мики Рубироза нема никаква врска со мене.

  • Тој Рубироза беше еден прилично голем мангуп. Колку личите на него?

– Никогаш не сум бил Мики Рубироза. Ни тогаш, а не па сега, по 20 години.

  • Се чувствувате ли како светска ѕвезда?

– Не, никогаш не сум се чувствувал ни како национална, а не пак, како интернационална ѕвезда.

  • Не ја чувствувате популарноста!? 

– Не, туку дека сето тоа јас на време го изживеав, кога бев многу млад. Популарноста, впрочем е нешто што му е потребно на млад човек. Мене сега тоа воопшто не ми треба.

  • Не ви годи?

– Како што веќе реков, му годи на млад човек. Кога треба да се афирмирате. Препознавањето на улица ви носи задоволство, да. Меѓутоа, многу брзо сфаќате дека за глума, за да бидете актер, не треба да сте популарен, туку да ве почитуваат.

Мене ми се случи и едното и другото во вистинското доба од мојот живот. Не изгубив ништо од популарноста. Меѓутоа, понекогаш ми пречи бидејќи премногу луѓе ви приоѓаат, ве прашуваат сенешто, љубопитни се…, па така мораш да се движиш само ноќе.

  • А каков е вашиот став за наградите?

– Наградите секогаш се многу важни. Зашто глумата е една кондензација на посебни нешта, кондензирање на разни состојби, после што не ви останува ништо – само празнина. Јас тешко „излегувам“ од улогите што ги работам и кога ќе излезам се чувствувам многу празно. Така наградата е физички облик што ве потсетува на некое работење, на нешто што било, како доказ дека нешто се случило.

  • За вас велат дека имате карактеристичен начин на глума. Како би се опишале себеси како актер?

– Не знам… Знам дека кога почнувам да работам улоги, работам не користејќи го претходното знаење. Не знам ништо. Се трудам да ги откривам нештата преку работата, да се откривам себеси, да ги откривам другите, да разменувам тоа што сум открил… Не знам…

Глумата има многу аспекти… Не се осмелувам да се опишувам како актер, мислам дека за тоа е се уште рано. Јас сериозно се занимавам со оваа професија. Тоа не е само моја професија, тоа е мојот живот, така што не се осмелувам тоа да го формулирам.

Се трудам да се развивам и понатаму, да се истражувам себеси, да одам понатаму. А кога веќе нема понатаму, кога ќе остарам е тогаш ќе работам нешто друго. Мене се ме привлекува. Ама тоа ќе се случи многу подоцна, зашто мене се уште глумата многу ме провоцира, ме радува, ме гони напред…

  • А како човек?

– Тоа прашање е многу тешко. Не затоа што не сакам да се опишувам и дефинирам себеси, туку затоа што тоа е невозможно да се направи целосно, да се даде формула. Тешко е да се суди за себе, уште потешко за другите. Не сум човек кој може да се оценува себеси или било кого воопшто. Којзнае каков човек сум? Јас не знам.

  • На што се базира вашата соработка со режисерот Емир Кустурица?

– Па, не сме работеле онолку колку што сме можеле, ама да, сме работеле многупати. Нашата соработка се базира врз суштината на оваа професија. Филмот е длабока размена на откривање. Тоа се случува во целиот тек на неговото создавање: од идеите за филмот, разговори со него, снимањето, по снимањето… Се разменуваат разни доживувања, зашто практично живеете заедно. Се запознавате меѓу себе.

Така, мене секој филм со него ми е запознавање со тој интересен човек, кој се вика Емир Кустурица. Тој ме открива мене, јас го откривам него… Мислам, ние се познаваме одлично, а всушност воопшто не се познаваме. Веројатно, тука е тајната: што ние се уште имаме еден на друг многу да си кажеме, да се откриеме меѓусебно и да ги размениме тие искуства. И сигурно дека и допрва ќе работиме заедно.

  • Се зборуваше дена на снимањето на „Подземје“ сте го прекинале пријателството со вашиот колега Лазар Ристовски?

– Не, тоа не е точно. Во филмот имав 242 денови снимање, а Лаза нешто помалку. Тоа е многу заедничко време. Нормално е во една атмосфера на жестоко истражување на филмски ракопис, да дојде до застапување на различни погледи за иста тема. Не само со него.

За некого од страна тие ситуации можат да изгледаат многу експлозивни, дека се случува нешто бурно, но тоа не може да зборува за конечниот однос меѓу двајца или тројца луѓе.

  • Вечерва беше скопската премиера на „Џипси меџик“. Што мислите за публиката што беше овде присутна?

– Оваа публика не беше онаа вистинската. Го следеше филмот, но не како филмска публика, Таа е среќна дека е на некоја премиера, на некој одреден настан, каде што треба да се биде. Тоа се луѓе кои дошле од овие или оние причини да го видат филмот и, да бидат видени. Не сум задоволен од публиката веројатно ни таа со мене, но мислам дека имам право да им го кажам ова.

  • Од што се плашите кога филмот првпат се сретнува со публика?

– Никогаш не го гледам филмот на премиера, зашто секогаш имам можност да го видам пред тоа. Вакво нешто ми се случува првпат. Стравот е многу поголем кога го гледам филмот сам, отколку со публика. Публиката после не е ни битна, не ми беше ни оваа овде, само забележав дека не е вистинската.

Знаете како, кога работите а филмот три – четири месеци, кога размислувате за него толку долго, кога ќе го поминете тој процес што е долг и тежок и кога ќе се спои во два часа и кусур, поинаку се гледа и чувствува тоа време. Станувате многу субјективен.

  • Какво е вашето мислење за „Џипси меџик“?

– Тоа и го зборувам. Многу сум субјективен. За филмот. Потребно е да поминат пет – десет години за да можам да кажам, да бидам објективен за него и за секој филм на којшто сум работел. Потребна е историска дистанца.

  • Задоволен сте од соработката со Попов?

– Столе Попов е голем режисер. Тоа беше и во екс – Југославија, тоа е и сега. Тоа сите го знаат, само Македонија не го знае. Зашто, македонската средина, како и српската, хрватската, југословенската… има обичај своите најдобри луѓе да ги потценува.  Да не ја гледа величината, содржината туку напротив, да ја урива,. Работата со него, работата со целата екипа беше одлична. Се беше супер.

  • Овде многу врева се крена околу висината на вашиот хонорар и нагаѓањето околу истиот. Колку тој изнесува?

– Немам никаква намера да ви одговорам на тоа прашање! Не затоа што мојот хонорар бил голем или мал, туку затоа што тоа е многу непристојно прашање.

  • Па добро, колку чини Мики Манојловиќ?

– Сигурно е дека чини повеќе од тој хонорар.

  • Во филмот речиси цело време зборувате ромски… Ве измори ли ликот на Таип?

– Се што имав за и околу Таип, кажав во филмот. Меѓутоа да, многу беше тешко со јазикот, зашто тоа е сосема туѓ јазик. Оваа улога никогаш немаше да ја направам без Столе Попов, без Апостол Трпевски, без целата екипа, без колегите актери, па и натуршчиците, но без еден човек никако немаше да можам.

Човекот кој ме научи и воведе во слободата на изразување на ромскиот јазик и нивното однесување. Работи како магационер во некое претпријатие, бил глумец – аматер некогаш, а се вика Кенан Кадри. Без него никогаш немаше да го направам ова што го направив. И јас му се заблагодарувам многу за тоа.

  • Веќе подолго ве нема во театар…

– Да. Затоа што нивото на театарот е толку паднато што јас немам што да барам во него. Театарот е или брилијантен или не е ништо. Нема веќе добри претстави освен инциденти, како „Буре барут“ на Унковски во ЈДП.

Во театарот веќе нема никакво ниво, никакви критериуми.  Многу причини има зошто е тоа така.  Уште кога влегував јас во театарот, во 70 – тите, уште тогаш сето она што беше изградено по некои естетски критериуми почна да паѓа, а сега, нив не ни ги има. Така на театарот веќе ќе му се вратам во Париз или во Србија, но со одредени луѓе, кои не ги изгубиле барањата од себе, па така, ниту од другите, кои не се расипале, кои имаат високи критериуми. Такви останаа многу малку. Сите други отидоа во мајчина им.

  • А го сакате ли уште театарот? 

– Сигурно. Страшно многу!

  • Што работите во моментов?

– Го работев филмот „Масар“ што се снимаше на Сицилија, во кој играм главна улога, во режија на Аурелио Грималди, кој во својот филм ја истражува психологијата на жената, темната страна на жената, што таа смее, а што не смее. Се труди да ја допре менталната порнографија. Тоа многу ми се дооаѓа, тоа ме привлече во овој филм. А треба да почнам наскоро во Белград со снимањето на филмот „Рани“ на Срѓан Драгоевиќ.

  • Која соработка со режисерите ја сметате за најуспешна?

– Сум работел со најдобрите и најлошите режисери на светот, но со сите сум работел добро.  Тоа го сметам за своја голема доблест.

  • Помислувате ли некогаш и да режирате?

– Се уште не, бидејќи велам, се уште во глумата постои понатаму. А и режисерите не ми се станати неиздржливо здодевни. Кога тие ќе ми здодеат, кога сам ќе си станам здодевен како глумец… можеби. Глумата е една фина манипулација со себеси и со другите, но мене се уште глумата ме привлекува повеќе од режијата. Низ глумата се уште можам да се искажам доволно.

Со втората сопруга, актерката Тамара Вучковиќ, со која го има синот Иван. (Со првата сопруга пак, концерт-мајсторот Искра Узелац, ја има ќерката Чарна.)
  • Видовме филм за една „циганска магија“. Која е магијата во вашиот живот?

– Веројатно љубовта што е причина за нашето постоење на светот. Да, одговорот е тој: единствената вистинска магија е – љубовта.

 

Бранка Н. Доневска

„Екран“, 1997 година

   

 

 

 

   

       

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *