Сутерен.мк

Миле Папазовски: Ковид рефлексии

Две години не сум се возел со автобус низ градов и конечно, пред некој ден решив да ја оставам „ибицата“ дома, бидејќи паркинг на Клинички центар нема. Вртам кругови ко недоквакан, ама паркинг нема ниту за лек.
А вака, без автомобил, убавина, слободица.
По повод годишнината од моето ковид – патешествие, бев на Клиника за пулмологија да видат зошто ми е плиток здивот (со методата “спирометрија” ја мерат белодробната функција, односно количеството и брзината на воздухот со „диши – издиши“).
Сестрата што го вршеше мерењето ме гледа под око и ме прашува:
– Колку си висок?
– Толку…
– Колку си тежок?
– Толку…
И’ се видов сомнителен. Веднаш до вратата да ти имало и висиномер и вага за мерење тежина. Баба лаже, трап не лаже.
Ми најде дека сум два сантиметра понизок и седум кила потежок од она што и го кажав. Абе Миланче, л’жго невиден! Како можеше да забушиш два сантиметра во висина и седум кила во тежина? Арам да ти е!
Последен пат се мерев пред две години кога бев во Сплит и бидејќи висината и тежината ми се секојдневни другарчиња, не сфатив дека сум се направил ко крмак и почнав да се правдам:
– Заради годините, оној горнион ме стиска по главата удолу кон земјата, затоа имам два сантиметра помалку. А тоа што ме стиска удолу, мора негде да излезе. Ете, излезе кај мевот.
– Многу збориш. Зини!
Ми ја бапна во уста пластиката прикажана на фотката.
– Лапни ја пластикава и целата опфати ја со устата, да нема нигде ѕирка, ниту проѕирка. Јасно!
Мала жена, ама глас ко мажиште. И згрме:
– Земи воздух и диши… диши до крај!
Јас „мужот“ почнав нешто да сецкам со дишењето и ми се раздра:
– Де бее?! Па ти не знаеш да дишеш! Ајде, пак ќе повториме. Земи воздух и диши… диши до крај.
Каде е крајот, се прашав? И таман помислив дека отидов во вечните ловишта, се развика пак:
– Доста! Готово. Мерењето не е баш успешно. Абе, ти си заборавил да дишеш?!
– Сестра, да прашам, каков е резултатот?
– Не давам информации, докторот ќе ти каже.
На приемниот шалтер едно младо, убавко и љубезно сестриче кога го прашав за мојот доктор срипа од столчето и од списокот на ѕидот прочита дека докторот ќе ординира после една недела. Една недела чекање? Убајни. Миланче, што се лигавиш? Што е една недела спрема вечноста?! Кога веќе не си мустаклија, биди куветлија.

(Авторот е роден во 1947 година, во Скопје и е дипломиран машински инжинер во пензија. Инаку, дете од уметничко семејство. Љубител на поезија, проза, сликарство, фотографија. Почнал да пишува на Фејсбук. Не е писател, ама на стари години се замислува дека е. Секоја чест за тоа! Оженет, две ќерки, четири внуци.)

*Сфаќањата изнесени во текстовите од рубриката Болдирано, се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *