Сутерен.мк

Миле Папазовски: Рани куче, за да лае!

Живеевме во барака во Тафталиџе и несакани посетители-арамии, али сакаш! Помини-замини влези во дворот, погледни дали има нешто интересно за крадење, а ако има послужи се! Ако нема пак, излези си на улицата и продолжи си по патот.

Се научија да не посетуваат како кучиња на касапница: еве ги-ене ги, пак дошле во посета. Прекардашија кога од задниот дел во дворот ми го украдоа „пони“ велосипедот, со нови гуми, а толку мерак имав по него, толку работа ми бркаше.

Се јавувавме во полиција и наместо да ни помогнат да се справиме со оваа арамиска напаст, тие повторуваа како папагали: “Немој ова да си им направил, немој она да си им направил, немој вака, немој така, немој онака…” А полицајци да дојдат, да направат нешто – никогаш!
Работава, а видиш арамија во сопствениот двор бегај дома и заклучи се зашто законот е дециден: што и да направиш, ќе нае*еш!

Видовме дека од улежани полицајци, нема аир, па се повикавме на хрватската поговорка: “Куме, не уздај се у ме, него у се и у своје ќљусе!” („Куме, не верувај во мене, туку во себе и во своето кљусе!“* кљусе – слаб, лош коњ.)

И ја зедовме работата во свои раце: покрај патеката што водеше во задниот дел од дворот направивме огромен кафез со покрив, внатре куќичка за пес, довод и одвод на вода и вселивме ротвајлер. Импозантен пес! Вратот му беше како на бик, имаше силни гради, влечеше како коњ.
Го растрчував врзан за велосипед и не требаше да ги вртам педалите, морав само да кочам зашто имаше брутална сила. Ако видеше друг пес во место се вкопуваше и од таквото силно запирање пукаа жици од тркалата на велосипедот! А кога ќе се налутеше, кога ќе зинеше, кога ќе ги покажеше песјаците, кога ќе почнеше да се џитка по решетките од кафезот… секој во негова близина помислуваше дека му дошол судниот ден.

Престанаа посетите од арамиите бидејќи не можеа да се шеткаат по патеката за која ротвајлерот не даваше ни мува да прелета! Ги научи арамииштата на ред.
Еден ден ѕвони еден непознат на влезната врата и ме прашува дали се’ уште ги имам четирите големи плински боци сместени во куќичката за алати длабоко во дворот? Абе, арамиишта?! Се’ знаеја што имаме во дворот, само не знаеја колку влакна имам на г*зот. Почнав да ги “жалам” зашто повеќе сами не можеа да собираат информации што имаме во дворот, туку собираа „инфо официјално“, на влезната врата.

Малку ни беше еден ротвајлер, па купивме уште едно мало ротвајлерче за 250 евра. Големиот го чуваше малиот: од поглед не го испушташе се’ додека овој не пркна, не порасна и тогаш настанаа проблемите: кој е посилен, кој е слфа мажјак… Крвои се правеа двајцата, мораше од еден голем кафез да направивме два помали.

Откако го решивме кучешкиот станбен простор сега имавме кучешко лаење и ржење во стерео: кога ќе рикнеа двајцата мислам дека населбата ѕвонеше! Ама фала му на Бога, лаеја само ако непознати минуваа крај нив или ако видат куче на улица инаку, глас не им се слушаше.
Кај возрасниот ротвајлер само тројца можеа да влезат во неговиот кафез: малата ќерка, зетот и мојата маленкост. (Ех, кај можело без мене?! Јас сум мирудија во секоја манџа.)
Не сум осамен во љубовта кон кучињата всушност, целото семејство се вљубеници во миленичиња.

Се сеќавам кога сопругот на постарата ќерка (сплитскиот зет) на крајот од секој неделен ручек во Тафталиџе ќе станеше и за кратко време ќе го снемаше. Никој не го прашуваше ништо, а и што да го прашуваме, негова работа, што сака нека прави! Дури подоцна, работата се разјасни: тој го хранел возрасниот ротвајлер со месо и така еднаш, двапати, повеќепати и, во еден сончев ден го снема зетот, го снема ротвајлерот, вратата од кафезот очапена… А тие двајцата си отишле на прошетка?! Са не верува човек! Од страв никој не се приближуваше до кафезот, а зетот… “абе зет ко мед”!
П.с.
Греота е да не ја спомнам и докторката, повозрасната ќерка од Сплит: таа е вљубена во нивниот пес од расата шицу наречен Калиси.

(Авторот е роден во 1947 година, во Скопје и е дипломиран машински инжинер во пензија. Инаку, дете од уметничко семејство. Љубител на поезија, проза, сликарство, фотографија. Оженет, две ќерки, четири внуци.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат нужно ставот на сајтот suteren.mk.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *