Живеам во поголемо семејство, со свекор, свекрва, девер, внуци… Куќата е голема, ама речиси се е заедничко и постојано се гледаме и комуницираме, сакале – нејќеле. Живееме како во комуна и не сум задоволна иако поминаа речиси 10 години. Не прифаќаат никакви промени ни сугестии. Веќе неколку години односите меѓу мене и останатиот дел од фамилијата ни се заладени, а сопругот ми вели дека јас сум крива за тоа зашто постојано сум критикувала се и сешто и секого па дури и него и нашите деца и дека едвај ги трпи тие мои приговори. Вели дека сум им тутор и дека сакам се да биде по мое, а и кога е по мое наоѓам замерки. Се караме често, а излез не гледам?
Дана, 40, Скопје
Дана дарлинг, решението е многу просто, ама не знам дали и изводливо: одвојте се од глутницата и започнете живот само со своето семејство. Дали квалитетот на битисувањето ќе се промени не знам, но секако, ќе стане појасно што и кој е причината за постојаното незадоволство во вашата интимна заедница. Во меѓувреме, обидете се да не бидете дежурен мрчатор. Ем не е убаво, ем не е здраво. За вас, лично.
Критизерството е бесплатен спорт и како таков, една од најомилените занимации на многумина сеедно, дали се тоа соседите, пријателите, роднините, колегите… Секој доаѓа во ситуација кога мора да си ја олесни душата и да ја префрли вината на некој друг за своето незадоволство, но кога тоа се прави често (сеедно дали тивко или гласно) проблемот не е во опкружувањето, туку во критизерот.
Постојаното префрлување на другите е одлика на луѓе кои самите се неуспешни во животот, па обвинуваат се околу нив за сопствената неспособност. Им попуваме обично на оние за кои мислиме дека се различни од нас, а со тоа и полоши, но вистината е дека ништо не би направиле подобро од нив.
Критизираат недоволно сакани личности, плашливи и некреативни. Способните наоѓаат начин, мотивираат.
Многумина сакаат да се мешаат во туѓите животи и да солат памет иако, во суштина не се запознати со ситуацијата иако, никогаш не биле во таа, туѓа кожа за да можат да ги сфатат постапките на озборуваната личност. Како што не можат да сфатат дека човекот не е она што бил, туку она што е.
Вистината е дека немаме поим колку зборуваме негативно, но ако повнимаваме на своите зборови во текот на само еден ден, работите ќе ни станат многу појасни и попоразителни – запрепастувачи е колку лошотилаци (очигледни и прикриени) може да изговори човечката уста во само неколку часа.
Обидете се да бидете позитивни или барем, неутрални, наместо постојано да мрчите. Кога ќе ве обземе порив за замерки, не правете ништо туку само набљудувајте. Не потискувајте, не потикнувајте. Чекајте да ви помине. Ќе ви помине – се поминува.
Ние го остваруваме во животот она што сме, а не она што сакаме да сме. Малкумина се оние кои се подготвени да ја превземат одговорноста, дел од вината за своите неудобни животни околности, затоа и мал е бројот на оние кои успеваат да постигнат животна радост.
Кренете ја кочницата. Get a life…
(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)