Монтреал е прогласен за најбезбеден град во светот за патување во 2027 година, покажува новото истражување на осигурителната компанија Berkshire Hathaway Travel Protection. Меѓу 15-те највисоко рангирани градови, дури девет се европски, а највисоки позиции меѓу нив заземаат Цирих и Амстердам
Истражувањето опфатило 38 популарни домашни и меѓународни дестинации меѓу американските патници. Повеќе од 1.500 испитаници ја оценувале безбедноста на градовите што лично ги посетиле, а нивните одговори биле споредени со податоците за безбедност од платформата Numbeo, списанието The Economist и организацијата GeoSure Global.
Авторите напоменуваат дека резултатите се засноваат на безбедносните услови од август 2026 година и не мора да ја одразуваат актуелната состојба.
Монтреал на прво место, Цирих најбезбеден во Европа

Канадскиот Монтреал освоил 82,18 поени и го зазел првото место, откако една година претходно бил дури на 16. позиција. Неговата главна предност е ниската стапка на криминал, додека како најголем проблем за посетителите се издвојуваат сообраќајниот метеж и гужвите, особено на мостовите над реката Сен Лоренс, пишува Euronews.
На второто место е Цирих со 81,03 поени, со што напредувал за една позиција во однос на претходната година. Според авторите на истражувањето, високите цени, поконзервативниот карактер на градот, како и чистиот и безбеден јавен превоз придонесуваат за неговата безбедност.
Третото место му припаднало на Амстердам со 80,81 поени. Главниот град на Холандија напредувал од четвртото место, а истражувањето го опишува како изненадувачки безбедна дестинација и покрај големиот број туристи.
Девет европски градови меѓу 15-те најбезбедни
Меѓу највисоко рангираните европски градови се наоѓа и Рејкјавик, кој го зазел петтото место со 78,90 поени. Исландската престолнина минатата година беше на самиот врв на листата.
На списокот се наоѓаат и Осло на шестото место, Венеција на осмото, Даблин на 11-тото, Копенхаген на 12-тото, Барселона на 13-тото и Париз на 15-тото место.