Сутерен.мк

Неблагодарни шефови

Имам шеф кој е неподнослив! Знам повеќе од него и поспособен сум од него, но тој се однесува како да е газда на светот. Не сака ни да чуе за нашите проблеми. Мислам дека веќе не се издржува на работа…
Ѓоко, 42


Ѓоко дарлинг, па кој шеф на светов е поднослив?!

Шефовите се создадени за да бидат најомразениот човечки вид. Што ги прави такви се уште не е откриено – материјалот од кој се направени и понатаму останува глобална енигма.

Тоа што сте уверени дека знаете повеќе од него не значи по автоматизам нешто лошо. Затоа и сте веројатно вработен таму – бидејќи знаете некој сегмент од работата подобро од него, па тој може да смета на вас.

Споделете го своето знаење со него, без премногу да навлегувате во детали и тој ќе стекне доверба во вас. Не ветувајте ништо што објективно не можете да стигнете или не знаете како да го направите.

Известете го вашиот надреден на време дека кога не можете да ги запазите роковите и прашајте за приоритетот на задачите. Квантитетот секогаш оди на штета на квалитетот.

Секогаш кажете кога ќе ви запне некој проект. Подобро е тоа отколку да се криете со разни изговори. Лагата на работното место многу лесно се открива и обично, кога е веќе предоцна да ви се помогне.

Последното нешто што било кој раководител сака да го чуе е „не можам“. Наместо тоа, кажете „еве што може да се направи“. Заедно пак, може да го смислите најдоброто решение.

Со поотворена (но не и интимизирачка) комуникација, лојалност, колективна солидарност и лична одговорност работното место може да стане и пријатна локација.

Секое упатство не користи секому исто. Разни луѓе, разни табиети, разни пристапи. Меѓутоа, едно е сигурно – ниту една работа не вреди до толку за поради неа да се изгуби здравјето…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *