Сутерен.мк

Нераскинливата интеракција помеѓу филмот и модата

Костимите од филмовите „Појадок кај Тифани“, „Матрикс“, „Мулен Руж“, „Црниот пантер“, „Клеопатра“, „Очи широко отворени“, „Титаник“. „Аватар“… беа инспирација за креациите на студентите од Меѓународниот институт за мода „Изет Цури“ претставени на нивната традиционална завршна модна ревија која се одржа деновиве во киното „Милениум“.

Дека една студенска ревија не мора секогаш да го носи предзнакот на само „покажи и кажи“, туку е заедничко образовно искуство кое ги прикажува талентот за дизајн и продукција на настан, покажа традиционалната годишна ревија на Меѓународниот институт за мода „Изет Цури“ која се одржа на 26 јуни во амбиентот на киното „Милениум“.

Пригодно избраниот простор на одржување на ревијата беше во склад на зададената овогодишна тема која гласеше „Модата и филмот“ и се фокусираше на блиската нераскинлива интеракција помеѓу филмот и модата.

Беше тоа несекојдневна, необична и посебна презентација на линијата помеѓу модна ревија и своевиден перформанс. Моден спектал кој ги надминува рамките на стандардна студенска ревија, онаков на какви се сеќаваме од златните времиња на модата во Македонија.

Студентите добија задача со своите дизајни да реферираат, од идеја до комплетна изведба, по еден изглед од одреден филм по нивен избор. Различните избори резултираа со разнолики решенија од кои, некои се движеа во рамките на костимографијата, додека други се одлучија за сопствен имагинативен превод со помалку или повеќе видлива референца на филмското остварување.

Беа реализирани 32 дизајни кои градираа од прва па се до четврта година како и четири од професорите Изет Цури, Доминик Брунет, Благој Мицевски и Никола Ефтимов.

Уметноста на модата ја чинат креативноста, иновациите, храбрата и смела визија, занаетчиството, вниманието на деталите. Тоа е она што ја дефинира модата и кое секој студент по моден дизајн би треба да го апсолвира. Токму тоа беше она кое со своите дела го испорачаа студентите на љубопитната и бројна публика на спектаклот „Модата и филмот“ која уживаше во посебното доживување.

Завршетокот на учебната година се заокружи со изложбата на истите дизајни поставени во галерискиот простор на Кинотеката на Македонија која траеше од 27 до 29 јуни во соработка со универзитетот за филмски уметности „Еуропа Прима“ и Кинотеката на Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *