Сутерен.мк

Никако да заживее донирањето на матични клетки

На Клиника за хематологија, денес, свечено беше отворен првиот Центар за трансплантација на хематопоетски матични клетки.
Станува збор за новоизграден кат на Клиниката за хематологија, исклучително важен капацитет за јавното здравство, со вкупна површина од 800 квадратни метри, 10 болнички соби со хепа-филтриран воздух за третман со алогена сродна, несродна и делумно идентична трансплантација на хематопоетски матични клетки.

Амбасадата на САД преку Европската команда на американската армија финансиски ја поддржаа изградбата на Центарот со еден милион долари. Другите средства се обезбедени преку Фондот за здравствено осигурување, Министерството за здравство и Владата на Република Северна Македонија.

По овој повод, свои обраќања имаа Ирина Пановска-Ставридис, директорка на ЈЗУ Клиника за хематологија, Ерик Мејер, заменик-шеф на Мисијата на САД во РСМ, Славјанка Петровска, министерка за одбрана, Фатмир Меџити, министер за здравство, и Артан Груби, прв заменик-претседател на Владата на РСМ.

Беше изразена благодарност што САД ја препозна посветеноста на надлежните за унапредување на јавноздравствените услуги, што помогна во обезбедувањето полноправно членство на Клиниката за хематологија во Европската група за трансплантација на хематопоетски матични клетки.

„Во Хрватска има околу 70 000 доброволни дарители, во Македонија има само 5.000. Аплирам до граѓаните да се запишуваат. Навистина многу малку треба. Да дојдат на Институтот за имунологија, ние можеме да организираме акција и во нивната работна организација, само една епрувета крв, согласност, пет минути од времето и стануваат потенцијални спасувачи на живот“ – вели д-р Ирина Пановска Ставридис, директорка на УК за хематологија.

Здравствените власти најавуваат кампањи за информирање на граѓаните и подигнување на свеста за донирањето матични клетки, а ќе бараат соработка и со поглаварите на верските заедници во земјава.

„Веќе зборував со неколку поглавари од нашите верски заедници и овој дел ни е многу битен и затоа се надевам во иднина ќе ги повикаме сите заедно и ќе седнеме со нив за да ја подигнеме свеста на граѓаните и да се избориме да спасиме живот со овој хуман чин“ – вели Фатмир Меџити министер за здравство.

Во моментот на клиниката за хематологија има четири трансплантирани пациенти, а уште десеттина кои чекаат. Со финансиска помош од 1 милион евра од САД, од следната недела во функција ќе биде нов центар за трансплантација на хематопоетски матични клетки. Менаџментот на клиниката очекува годишно да се лекуваат најмалку 50 пациенти, а освен македонски да се лекуваат и пациенти од регионот.

Со овој Центар за трансплантација на хематопоетски матични клетки се воведуваат највисоки европски и светски стандарди за лекување на најтешките хематолошки заболувања. Новиот капацитет има најмодерна медицинска опрема, со која може да се третираат 120 нови пациенти годишно. Станува збор за регионален Центар за трансплантација, кој, освен за осигурениците на Северна Македонија, е оспособен за лекување пациенти и од Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија, каде што овие интервенции сè уште не се воведени. За потребите на овој центар, планирани се 30 нови вработувања на медицински кадар на Клиниката за хематологија.

Трансплантацијата на хематопоетски матични клетки претставува најсложена билошка интервенција во хуманата медицина, при што клетките на пациентот се заменуваат со матични клетки од здрав донор за лекување малигни хематолошки заболувања.

Првпат трансплантација од сроден донор на ЈЗУ Клиника за хематологија е изведена во 2000 година. Новиот терапевтски пристап со трансплантации на матични клетки од несроден донор и делумно идентични трансплантации се воведени во 2018 и 2019 година и поради оваа придобивка пациентите веќе неколку години немаат потреба да бидат испраќани на лекување во странство. Од 2018 до 2023 година се извршени вкупно 319 трансплантации. Од денес натаму оваа бројка се очекува да се зголеми минимум за двојно повеќе трансплантации во наредните неколку години.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *