Сутерен.мк

Нино Леви: Штетниците да се ништат

Актерот при драмата на МНТ, моментно го гледаме на сцената во театар „Центар“, како Батиќ во „Лаж и Паралаж“ на Јован Стерија Поповиќ, во режија на Егон Савин. Ова се десетте работи што можеби не сте ги знаеле за него…

  1. Музика

„Седиме со едно фино друштво во кафулето ’МЦМ’. По некоја чашка и моментна инспирација, им се придружувам на џезерите т.е. го земам микрофонот. Гостите некако скептично мрморат, сомнително ме меркаат, нездаоволно се мрштат. ’Што ли сега овој ќе додева?’ Ја нарачувам кај главниот ’џезер’ – ’Сузи Кју’. Се распејувам јас домаќински, цела кафана ечи, паѓа народ во екстаза, и ми шлакнува некој сред чело цели сто германски марки. Најслаткиот хонорар што сум го заработил. (А на ’Глумците пеат’ ме одбија?!)

2. Книга

„’Манон Леско’ од опат Прево.

3. Страв

„Да не ми се реазболат блиските. Ме плаши глупоста и тесноградоста. Страв ми е од духови, иако некои и ги познавам (особено домашните, сместени во плакарите). Ме плаши неразбирањето меѓу двајца соговорници, пријатели, колеги, љубовници… За плашење и егоизмот и егоцентризмот (и тоа за уплав).

4. Насилство

„Во принцип сум човек кој ни на мравка не би згазнал. Арно ама, летоска Љац (Владимир Ендровски з. н. ) и мене не нападнаа рој оси. Него го каснаа за рака, по што веднаш се спакува и си замина, а мене за нога. Од тогаш дефинитивно го сменив мислењето за штетниците: треба да се ништат. Под итно!“

5. Актерка

  „Симона Леви, мојата 4,5 годишна ќерка. По учеството во ’Светло сиво’ глумеше во ’Жолтиот тредафил’ на Антонио Митриќески. Кога на својот прв роденден ја пееше ’Зајди, зајди’ мислевме ќе биде пејачка. Не прејде, па стана актерка (на тато). И глуми, човече, не се зафркава: легнуваше на полноќм ќе стане во пет наутро, оди на шминкање, на облекување… Без никаков коментар. Таа е најпрофесионалниот актер што го познавам. Во последно време нешто се префрлува на сликарство, а мене… некоја јанѕа ме јаде.“

6. Жена

„Со костенлива коса, црни очи, мило лице, складна става, добра домаќинка и страсна љубовница. Ха!“

7. Тага

“Ме растажуваат песни, мелодрами (филмови како ’Казабланка’, ’Бессониот во Сиетл’…), судбини чудни, несреќни љубовници… Кога двајца ќе се ’препознаат’, а нема да се сретнат.“

8. Хоби

„Разно – разни. Сум собирал значи, марки (поштенски, разбира се), стари пари, автомобилчиња, шишенца (со алкохол, разбира се)… Собирав дури и хартиени салфети – поради моите братучетки. Сега немам шанса за хоби: Симона е главна. Не ни помислува (како секое нормално – генијално дете), да биде поинаку.“

9. Генијалци и идоли

„Како прво – идол сум си сам на себе и тука муабет нема! Како второ – генијалци се секогаш некои други. Погрешно. Во својата професија, најдобар сум јас. (Можам да го одиграм и Отело и Чарли Чаплин). Секој што верува во она што го работи, што се предава целосно на она што го работи, е генијален. Како трето – преку глава ми е од ’генијалци’.“

10. Сон

„ Да се биде птица. Да се има лет, хоризонти, да се биде постојано на друго место, да се поигрува со ветрот, да се има бескрајна слобода. Варијација на тема ’сон’: пуст тропски остров, смарагдна плажа, палми, кокосови ореви, да викам како Тарзан, а со мојата Џејн да се шетаме голи по песокот. Кога ќе размислам малку, можеби би било добро да си ја понесам и колекцијата на ’Алан Форд’ стрипови. А? Никогаш не се знае.“

 

Бранка Н. Доневска

„Екран“, 1996 година

 

 

 

 

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *