Тунелот наречен „Фемарнбелт“ , ќе биде долг 18 километри и е еден од најголемите европски инфраструктурни проекти со буџет кој надминува 7 милијарди евра. За споредба, тунелот што ги поврзува Англија и Франција -„Евротунелот“ под Ла Манш е долг 50 километри, завршен е 1993 година, а денес би чинел 12 милијарди фунти.
Иако е подолг од „Фемарнбелт“, „Евротунелот“ бил граден со машинско дупчење, а не со потопување на претходно направени делови од тунелот. Новиот тунел е дизајниран како алтернатива на траект-линија што превезува милиони патници годишно. Возењето со траект трае 45 минути, па со воз тоа ќе се намали на седум, а со автомобил на 10 минути.
Планирањето на тунелот траеше повеќе од 10 години, а изградбата почна 2020 година, неколку месеци по завршувањето на работите на привременото пристаниште на страната на Данска. Тоа сега ќе служи како погон што ќе произведе вкупно 89 огромни бетонски делови за тунелот.
Овој тунел би бил најдолгиот во светот што ќе ги комбинира патниот и железничкиот сообраќај. Ќе се состои од два правци со двојни ленти, па се верува дека ќе го олесни поврзувањето меѓу скандинавските земји и Средна Европа, коешто ќе биде до 160 километри покусо од денес.
Отворањето на тунелот, на длабочина од 40 метри е предвидено за 2029 година.