Сутерен.мк

Оган во снегот

„Македоника литера“ деновиве ја објави книгата со раскази „Оган во снегот“ од современиот хрватски писател Лука Вукушиќ, за која авторот е добитник на наградата „Славиќ“ на Друштвото на хрватските писатели за 2018 година за најдобра дебитантска авторска книга во 2017 година. (Превод од хрватски на македонски јазик е на Елена Саздовска.)

Расказите во збирката претставуваат еден вид впечатоци, кратки слики извлечени од сеќавањето или секојдневниот живот, често обоени со тага или носталгија, чувство на осаменост, но и топлина на малите животни радости и убавина што може да се види во обичните работи. Не обидувајќи се да го шокира или забавува читателот со неочекувани ликови или заплет, ова е збирка со тивки, медитативни приказни, често со лирска атмосфера.

Во образложението за наградата „Славиќ“ пишува:

„Прозните остварувања на Вукушиќ во повеќето оформени структури ѝ припаѓаат на формата на расказ… Меѓутоа, во некои делови од прозата се исполнети со префинет лиризам, така што речиси наликуваат на формата на песна во проза… Искуствата земени од секојдневниот живот кај авторот будат различни, често спротивставени визии, понекогаш корозија на човештвото, понекогаш чувство на минливост и смртност или во други примери пролетната експлозија на енергија и виталност… Иако многу од прозните текстови изгледаат како случајни записи во приватен дневник, тие се богати со внатрешен, длабоко личен одраз на чувствителен набљудувач и се полни со наративно ткиво во кое се одвива чувствителното филтрирање на душата на надворешната појавност.“

Лука Вукушиќ (1981, Пореч, Хрватска) е дипломиран класичен филолог, автор на голем број стручни трудови и написи на историски, архивски и литературни теми, а освен тоа е и преведувач од новогрчки и старогрчки јазик. Дипломирал на Катедрата за класична филологија на Филозофскиот факултет во Загреб. Работел како архивист во Хрватскиот државен архив, а од 2008 година до денес работи како извршен уредник во Матица Хрватска. Објавил неколку преводи од новогрчки,старогрчки и латински јазик.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *