Во месноста Моклиште кај кавадаречкото село Ваташа, денеска беа одбележани 80 години од стрелањето на 12 младинци за време на Втората светска војна. На настанот беа откриени 12-те бисти на младинците и се отвори Спомен соба за достојно одбележување и оддавање почит за нивната храброст и непокорност.
На местото денеска беа претставници и на власта и на опозицијата кои порачаа дека овој грозоморен чин од бугарскиот фашистички окупатор не смее да се повтори ниту да се заборави.
Од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, пак, на одбележувањето присуствуваше генералниот секретар Миле Бошњаковски, кој положи цвеќе пред споменикот на 12 младинци кои биле убиени на 16 јуни 1943 година.
Како претставник на Владата, пак, во изјава за медиумите, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска рече дека после 80 години од овој грозоморен чин денес болката е сè поприсутна и споменот е сè поприсутен.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, исто така посочи дека тоа што 12 младинци на ѕверски начин биле убиени од бугарскиот фашистички окупатор е чин кој треба да не обедини и никогаш да не се заборави. Тој упати обвинувања до „луѓе активни на политичката сцена“ дека се подготвени ваквите моменти и да ги заборават.
На одбележувањето присуствуваше и градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев од ВМРО-ДПМНЕ кој рече дека денес е гордост да се биде дел од Кавадарци и со повеќе сограѓани и политички партии заедно да се одбележи 80-годишнината од стрелањето на 12 младинци.
„Сите (12-те младинци) немале ниту 120 години заедно на денот на нивното стрелање, а тоа е еден човечки живот кој го има живеено еден човек. Така што, да се убие дете, да се стрелаат 12 деца е незаборавен чин. Меѓутоа ние сме народ, христијански православен којзнае да проштава, меѓутоа прошката ја бараме со она што значи извинување и поклонување токму пред овие бисти и споменик“, рече Јанчев.
Политичкиот аналитичар и колумнист на Рацин.мк Тони Поповски, кој одлично ги познава македонско-бугарските односи, на социјалните мрежи објави информација дека Претставници на Клубот за бугарско-македонско пријателство положија се поклонија пред споменикот на убиените младинци Ваташа.
Гестот, вели Тони Поповски, е позитивен сам по себе, но и поради тоа што е пример за признавање на вина за едно грозоморно злосторство кое го има направено бугарската армија во периодот на Втората светска војна, и смета дека станува збор за инспиративен чин за сите останати институционални и вонинституционални чинители во двете држави и општества.
„Тоа е логичен и неопходен чекор за помирување и зближување, согласно и други меѓународни практики. Од таа причина без резерва го поздравувам овој и слични гестови кои и двете страни треба да ги прават во иднина“, напиша Тони Поповски на социјалните мрежи.
Поповски дополнува дека денес „на овие настани треба да се гледа од перспектива на суверени и независни држава, какви што се Бугарија како и Македонија, кои после Втората Светска Војна транзитирале низ комунизам до современи демократии“.
„Имајќи го тоа предвид, денес треба да се воздржиме од меѓусебно етикетирање како народи. Треба да извлечеме поуки од минатото и да не дозволиме вакви или слични настани да се повторат“, истакнува во својот запис на социјалните мрежи Тони Поповски.