Еден од најтешките жанрови, барем во пишуваното новинарство, секако е интервјуто. Меѓутоа, како и сите останати „касти“ во оваа професија и со него, наместо да создадеме особено читателско искуство, „успеавме“ избезумено да го извадиме од еснафот, од стандардите, редот и основната самопочит. Се создаде некаква феудализација.
Мрзеливост со отсуство на каква била воодушевеност, проверка или критичност кон соговорниците. Уште полошо: интервјуата станаа страшно бенефитна алатка на новинарите, но и уредниците за многу ситни задоволства и услугички. Секако, ова не важи само за разговорите во ревијалните медиуми.
Лично, дури ни тоа не ми пречи. Ама и тоа како ме потценува како новинар секако, она тривијално пишување, наместено, набрзина склепано, колку да се пополни простор или нечие самољубие со прашања и одговори од ориентален тип: „ти мене – јас тебе“.
Интервјуто е на самиот врв на професионалното новинарство и за тоа да се изведе како што прилега, ви треба малку повеќе од вработување во некаков си медиум. На Благородна Абрашева-Ноциќ, не и треба дури ни тоа. Вработување, де. На Ноне (ја познавам половина живот, па ќе си го дозволам ова интимно обраќање), не и треба ни соговорник понекогаш.
Како нејзин уредник во „Теа модерна“, одговорно тврдам дека и треба само задача. Зашто таа е од најдобриот ков на новинари – оние од „општа пракса“. Кои можат да пишуваат и за загадувањето на воздухот и за политичка економија и будоарски коалиции, како и за заедничкото на шекспировите драми и турските сапуници.
Особено, ако со некој од главните ликови треба да се направи интервју.
Овој нејзин избор од дваесет интервјуа можеби не се капиталните во нејзината повеќе од две децении кариера, но секако се „најколоритни“. Затоа што се објавени во магазин, затоа што се направени со сета страст кон професијата, љубопитство, искреност, со почит кон соговорникот, но пред се кон читателот. И, со тотално отсуство на ароганција, толку честа кај денешните колеги особено кај оние од т.н. „истражувачко новинарство“. ( Драги мои, секоја вест е истражување. Ама за ова, во некоја друга пригода…)
Оваа книга на Ноне е накусо кажано опозит на сите оние збирштини на разговори, колумни, дрдорења, објавени во последниве децении од колеги со двесте зборови во речникот, пред тоа преџвакани по стопати на кафеанските маси или во канцелариските бордели, а некои и буквално препишани и објавени под уште побанални едиции и наслови.
Овие интервјуа на Ноне се величествени. Не затоа што се направени со соговорници кои никогаш нема да бидат заборавени на овие простори, туку затоа што се лишени од каква била нарцисоидност на авторот. Затоа што авторот/новинарот е второстепен. Како што мајката во однос на детето е второстепена. Во тоа е и целата големина на секоја личност – посветеноста.
Ова се разговори се забавни, емотивни, тажни, интелигентни, па дури и монументални.
Сменив многу редакции (што од професионали принципи, што од немајкаде) и многу уредници. Сите беа новинари со врвно искуство, а некои богами и благородни луѓе. Научив многу од нив. Меѓутоа, морам да бидам искрена, најмногу за интервјуата ми помогна книгата – „Разговори со минатото“ на Оријана Фалачи.
Убедена сум дека новите генерации колеги, во ова издание ќе ги пронајдат финтите што ниту еден шеф нема да им ги каже и дека ќе им биде еден фин постамент врз кој ќе ја градат својата идна кариера.
Ова е исклучително добра книга. Каква што е и Ноне. Меѓутоа, тоа не значи дека и едната и другата секому ќе му се бендисаат. Затоа што вистински убавите нешта не ни може на сите да им се допаднат…
Бранка Н. Доневска
(Кон книгата „Време во зборови“ на Благородна Абрашева Ноциќ. „Или-Или“, март 2017 година.)