Дали навистина е така? Дали полесно и свртуваш грб на среќата? Дали крв и солзи можат да течат? Прашања за младиот, харизматичен и талентиран актер (1974 година), кој последни улоги му се во филмот „Самоуништување“, претставите „Една за по пат“, „Мурлин Мурло“…
- Па, Оливер, дали навистина…
– Не е воопшто лесно да се биде млад. Знае да боли многу. Особено, кога живееш интензивно, кога го сакаш високото ниво на адреналинот, кога не сакаш единствено сведоштво за твоето постоење да ти се бројот на годините. Ама веројатно, боли помалку, отколку кога си стар.
- А обично го велат обратното: дека на младоста и припаѓа радоста!?
– Велат тие, кои никогаш не биле млади, ниту пак, живи! Зашто кога живееш, тогаш – боли! Како може да биде лесно, кога живееме во параноично и клаустрофобично време и простор, изложени на разни притисоци, од околината и од самите себе и професионално и приватно. Кога гледаш само еден излез, а предоцна сфаќаш дека е погрешниот!
- Сте биле ли на погрешниот излез?
– Да. Тоа ми беше еден тежок период, еден пад во животот. Бев во агонија: и професионално и приватно. Ми се случи една епизода во многу лош филм. Бев затворен за себе и другите, изолиран. Потоа дојде осаменост, тага… Бев толку многу тажен што дури почнав да наоѓам задоволство во тагата. Чист мазохизам! Фала богу, сето тоа е веќе зад мене!
- Што ве спаси?
– Улогата на Алексеј, во „Мурлин Мурло“ кај мојот професор Владимир Милчин. Кога ќе прочитам во весник како колеги им се заблагодаруваат на професорите, тоа по малку ми личи на додворување. Никогаш не сум го споменал професорот токму од тие причини, но сега… Не успеав тоа лично да му го кажам, колку многу ми значи оваа улога, тој Алексеј, кој ме врати во живот!
Чувствувам огромна благодарност за вербата што ја имаше во мене, што го понесе ризикот и ми ја даде улогата. Гала Ви професоре!
- Зошто ретко ве има на сцена?
– Па, една од причините е и тој мој кризен период, а и играм онолку колку што ми нудат. Меѓутоа, сум и пребирлив. Не во негативна смисла, туку сакам да играм онаму каде што сум инспириран, во она што допира до мене. Како во „Мурлин…“, на пример. Јас всушност, не глумам. Искрен сум и во приватниот живот и во професионалниот. И не ме плаши искреноста. Кога глумам, тоа лесно се забележува. Тогаш сум лош!
Во ликовите секогаш барам сличности со себе и не се срамам да се препознавам во улогите: и во добрите и во лошите особини. Морници ме лазат само да помислам на „Мурлин…“. Затоа што моето расположение се совпадна со расположението во драмата. Со сите ликови. Се разбира, особено со Алексеј. Преку „него“ кажав многу работи што ги чувствував, што ми тежеа. Сакам такви улоги и претстави, во кои ќе можам да бидам искрен, да го изнесам она што е длабоко во мене, па нека е цената ретко играње!
- Сакате ли комедии?
– Хм… Добивте впечаток дека сум некој песимистичен тип. Не, напротив: јас сум многу весел човек, само ете, така… Иако сметам дека нема драма во благосостојбата. Во „нормалниот ред и уредност“ ниту пак, некоја голема инспирација и дека човек е покреативен кога е несреќен, повреден. Ги сакам комедиите и би сакал да играм во нив. Сепак, бидејќи сите ние сме помалку или повеќе гротескни ликови, ми се чини дека најдобро би се „снашол“ во една гротеска.
- Што е со вашето вработување?
– Во тек се разговорите со Битолскиот народен театар и се надевам дека својот статус ќе го решам токму таму, зашто се работи за еден одличен театар, за ансамбл кој е на многу високо професионално ниво. Најискрено, едвај чекам да почнам да работам таму!
- Обично саканата релација е обратна: внатрешноста – Скопје!?
– Тоа се глупости! Сите сакаме да сме во Скопје, како да е тој центарот на светот! Мене ми е најважно да го работам тоа што го сакам. И можеби сум идеалист, но верувам во тоа дека, ако те бидува вратите секаде ќе ти бидат отворени и талентот нема да остане незабележан. Ама нејсе.
Ниту е Битола провинција ниту пак, тоа е нивниот театар! Лично, сметам дека Битолскиот театар и МНТ се најдобрите во земјава! Верувам во себе, ќе одам со полно срце таму и знам дека ќе ми биде добро! Останува само да ја оправдам нивната доверба.
- Што ве растажува, што прави среќен, што си посакувате?
– Солзи ми доаѓаат на очи кога ќе видам дете или старец со скршени наочари. Онака напукнати или со импровизирано наместена дршка. Страшно ме унесреќува таа глетка.
Чувствувам голема среќа кога сум на сцена. Среќен сум кога ќеусреќам некого. Кога некого ќе успеам да го израдувам со нешто. Среќен сум кога некој се смее покрај мене.
А си посакувам да сакам и да бидам сакан. Сега многу ми се работи и ангажиран сум прилично, а кога ќе завршам со обврските сакам да заминам некаде, каде што нема „ќошиња“. Си посакувам повторно да снимам филм. И, малку повеќе – душевен мир.
Бранка Н. Доневска
„Екран“, 1997 година