Авторката на култната книга за деца „Зоки Поки“ (и на уште 17 други книги за деца), неодамна ја објави својата седма книга за возрасни „Адамовото ребро“, За овој роман кој обработува две љубовни приказни – една на почетокот на веков што изминува, другата на крајот – го доби „Рациновото признание“ што се доделува за најдобра прозна (уметничка) книга меѓу две Рацинови средби.
Со писателката Оливера Николова (1936 година, Скопје), мајка на две деца, сопруга на поетот Цане Андреевски, жена која за себе вели дека не е феминстка (иако, вели дека жените умеат да бидат посуптилни и попонирачки кон проблемите – значи и поинтелигентни), туку свесна за својата првостепеност и обврска кон тој статус, реална личност ненакитена со непотребни лажни дребулии од овој или оној вид, во нејзиниот непретенциозен и отмен дом, зборуваме за „женското писмо“, литературата за деца, славата, машките „сенки“, религијата, комунизмот…
- Не изгледате премногу воодушевено од наградата…?
– Не дека не сум задоволна од признанието, меѓутоа… Точно е дека наградата те исфрла во јавноста, но ќарот е на книгата, а не на авторот. Во секој случај тоа е радосен момент во животот на еден автор. Е, сега, има природи на коишто им е мачно тоа, би сакале да избегаат, да се засолнат од тој публицитет.
Наградата заслужува внимание и знам дека треба да и го дадам и да го споделам со јавноста, но навистина им завидувам на некои автори кои работеле под псевдоним и без „оптеретување“ го следеле ефектот а книгата. Во случајов јас не можам да се радувам до крај зашто знам дека е ова оценка на тричлено жири, кое што во моментот ми било наклонето. Иако ми е мило, тоа е минлива работа.
Сосема друго е „Адамовото ребро„ да ја доживее судбината на „Зоки Поки“, на пример. Тоа е вистинската проверка за едно дело. Таа книга опстојува и денес, а напишана е во 1962 година и се чудам што наоѓаат денешните генерации во неа, ама наоѓаат и тоа е вистинското задоволство! Јас сум ја заборавила, таа ме заборавила мене… Ама кога ќе сретнам некое дете кое не знае дека јас сум ја напишала, а зборува за неа со такво чувство – тоа е она вистинското.
- Значи ли „Адамовото ребро“ збогување со литературата за деца?
– Минатата година имав еден роман за тинејџери („Светлосна година“ н.з.), но да, во последно време повеќе си го слушам сопствениот глас. Веќе сум во поодминати години и сакам да се искажам самата себе си. Сепак, и порано сум рекла, литературата за деца исто ме објаснуваше.
Моето детство помина во виорот на војната и ми се чинеше дека не сум доволно изнаиграна – не размислував свесно за тоа, но се покажа дека имам потреба да се „реализирам“ како дете, значи пишувањето за деца беше моето задоцнето играње како дете. Не завршив со тоа, но сега тоа го правам со свест и можеби заради тоа ќе го правам полошо.
- Романот официјално е оквалификуван како „женско писмо“. Зошто токму сега се зафативте со една ваква тема?
– Мислам дека е малку „несреќен“ терминот „женско писмо“, а му беше даден како квалификатив на овој роман зашто се работи за две жени т.е. за две љубовни приказни. Инаку, сега го напишав овој роман, а не порано – иако љубовта како тема е константа не само во човековиот живот, туку и во литературата, во поголем или помал обем – зашто ми требаше храброст.
Љубовта, секој човек во различен период од животот различно ја толкува. Сите сме свесни дека без љубов во животот не може, но таа има разни облици. Љубовта го замаглува биолошкиот порив иако, таа во суштина е инструмент на тој биолошки порив, а ние ја чувствуваме на ваков или онаков начин.
Е сега, оваа моја возраст ми дозволи да гледам реално на таа тема, без болка и без занес, што не значи дека во книгата внесов само рацио…
- За многумина „женско писмо“ не значи само избор на темата туку и начинот на пишување. Постои ли „женско“ и „машко“ пишување?
– Јас не гледам воопшто разлика! Многу мажи – писатели просто ќе ве зачудат како успеале да ја одгатнат душата на жената, но и обратно. Она што ни е потребно е ослободување од чувството на инфериорност како жени. Некои жени писатели тргнуваат со преголема храброст па правеле некои екцеси во литературата, заради конјуктурност можеби, но за мене такво излегување пред јавноста е бришан простор и ми се чини дека не е она вистинското.
Пишувањето е индивидуално: има добри и лоши писатели! Без разлика на кој пол му припаѓаат. Важно е истражувањето, објективноста, искуството… Дали јас имав среќа да живеам покрај таков партнер, каде не се потенцираат разликите или… Сеедно, гледам дека младите одат понатаму од таквите квалификации и предрасуди. Впрочем, ќе истрпиме уште малку.
- Никогаш не се посомневавте во вашето пишување само затоа што сте жена?
– Можеби во моите почетоци се гледаше на тоа така: жена, па пишува!? Еден голем човек како Мира Траиловиќ има речено дека „жените треба многу повеќе да постигнат за да се израмнат со она што мажите просечно го постигнале.“ Тоа е неправедно, ама е така особено ако тоа им го дозволиме.
Треба да се има став кон нештата, кон сопствениот живот и личност. Да се има контрола врз сопствениот избор. Можеби грешам, но јас секогаш истакнувам дека пишувањето за мене е – јас да се почувствувам како личност која може нешто да создаде, најискрено што умее, а потоа следува она – дали тоа ќе предизвика внимание.
- Почувствувавте ли некогаш дека сте во сенка на својот сопруг?
– Ние се сакавме и зедовме поради други причини, а не заради литературата. Тоа значи дека еден извесен став кон животот, кон семејство, кон домаќинство… најмногу ми одговарал. Мислам дека не си пречевме еден на друг. Во нашето семејство постои многу мал интерес за тие литературни кујни, за она што се случува надвор.
Мене пишувањето ми надоместува една молчаливост, индиферентност кон светот. Ние се разбираме. „Превласта“ во јавноста никогаш не била цел за нас.
- Нели и таа повлеченост, како и екцесноста, боемштината може да биде поза, па дури и алиби за некои работи?
– Да, се разбира, но тоа не е во мојот случај! Јас не ја сакам „помпезноста“ оти не сум способна за неа. Сепак, не можам да ги обвинам оние кои поинаку се однесуваат зашто, можеби, тоа е дел од нивната природа. Некој така се храни, како што јас – вака се хранам. Пишувањето и живеењето со него реков е индивидуално.
- Зошто повеќето жени пишуваат поезија, а не проза?
– Понекогаш мислам дека е практично жените да пишуваат поезија. Бидејќи мораат да се занимаваат и со други работи. Поезијата може да се напише за половина час и на „колено“.
Прозата бара трпеливост, занает, работа, време… Секогаш повеќе сум ја ценела прозата и ми се чини дека во прозата има милион стихови. Секоја мисла може да опстои како стих.
Прозата е долг процес на сублимирано живеење, а не моментно искуство.
- „Адамовото ребро“ има 300 страници, ја пишувавте три, а чекавте да се објави четири години. Се исплатува ли воопшто пишувањето?
– Финансиски – не. Еве на пример, наградава е 30 000 денари што не се ни 1 000 марки. Сиромашна земја сме, мора да го сфатиме тоа и да ги поддржиме тие манифестации да не изгаснат. Инаку, хонорарот за издавањето беше неполни 3 000 марки. Меѓутоа, тоа може да се реши.
Еден млад човек ќе даде повеќе пари за еден концерт отколку за една книга. Значи треба да се постави прашањето зошто нашата литература се уште го нема имиџот на интересна литература? Ептен го „тупиме“, така да речам.
Од друга страна, „фалинката“ е и во маркетингот: имавме пример за еден Куељо луѓето да чекаат во редица за да го купат. Ја видов неговата книга во рацете на луѓе кои ретко читаат, а според мене тој ни од далеку не може да им се приближи на некои наши автори. Значи, битен е и тој маркетинг.
- Што ќе читаме ново од вас?
– Повторно роман, но многу кус. Се вика „Вежби за Ибн Пајко“. Се разбира, доколку од Министерството за култура и одобрат средства за печатење на издавачката куќа „Три“. Инаку, се работи за Пајко, виден христијанин од 16 век кој се потурчил. Прашањето – зошто го сторил тоа ми беше многу интересно.
- Кус роман затоа што тоа е во моментов светски тренд или…?
– Мерката му беше толку, колку што му требаше. Инаку, многу е добро што се во мода кусите романи зашто, мене онака, постојано ми забележуваат дека ми се долги книгите.
- Данило Киш има речено дека секој ден пишува по десет страници така што, на крајот на годината сакал – нејќел, му излегува еден роман. Како пишувате Вие?
– Јас така не работам, зашто сум жена врз која домот „лежи“, а домот бара многу! Немам навика секојдневно да седнам на работната маса, но не сум ни од оние кои влетуваат во инспирација со сета своја тежина и ете, сега се ќе напишат во еден здив.
Прво се појавува потребата некоја тема да ја објаснам и почнувам да собирам материјал. Ништо не запишувам. Се се гради и созрева во мене. Кога тоа ќе „преврие“ седнувам, но тоа седнување е прекинато од болни мајки до болни внуци, од гости, од мажи што сакаат едно, до жени што сакаат друго… Пишувам како што живеам.
- Можат ли писателите да ја изменат реалноста?
– Писателите сметаат дека можат да влијаат, но се покажува дека малку се слуша нивниот глас. Тоа сомневање во сопствената моќ има и една добра страна: побудува на борба, на организирање на силите да се направи нешто, да се подобри ситуацијата.
Писателите се разочарани и од материјалната ситуација и од политичката. Сепак, важно е што не се откажуваат. Влијанието не се забележува веднаш, туку подоцна. Освен тоа, многу писатели не се зафаќаат со теми од денешнината зашто им е потребна дистанца за да ги кажат нештата. Други пак, влегуваат во огнот. Меѓутоа, најважно е да се кажува мислењето.
- Што мислите за неодамнешното отворено писмо на група уметници кон премиерот?
– Иако се јавија поделени мислења во владејачката структура, но и кај другите, мора да се земе предвид дека тие го вреднуваат овој момент, без разлика дали го критикуваат или не! Кажуваат дека не се повлечени луѓе кои живеат во свој, херметички свет.
Ги подржувам и мило ми е што има луѓе кои се огласуваат. Особено ме радува кога се тоа луѓе од литературата, која е единствена што вистински не одржува.
- Ќе не одржи ли?
– Очигледно, зашто да не беше таа литература ќе не одвееја како пердув од ветер. Се открија оние стари наслојки на нашиот јазик, кои секојдневно ја потврдуваат неговата особеност.
Имаме бугарски автори, не велам српски зашто тие тоа одамна го признаа, кои тврдат дека не можат лесно да не преведат. Тоа е најдобриот доказ дека јазиците ни се различни, иако се блиски, се разбира.
- Атеист сте по убедување. Значи ли тоа дека сте комунист?
– Не мора да се плашиме од некого за да бидеме чесни, за да не правиме зло. Не мора да се плашиме од Бога т.е. од казна за да живееме без да му штетиме на другиот. Религијата се потпира на ефектот на казна. Исто така и општествените идеологии се базираат на догми. Ги употребуваат сите средства за да се одбранат себе си. Токму од тие причини никогаш не сум била член ни на Сојузот на комунистите, ни на било која партија.
- Сепак, во одредени ситуации човек едноставно нема кому да му се обрати за помош освен на последната инстанца, на Бога?
– Тоа е чисто индивидуален став од кого ќе барате помош: дали од некој кој ја има апсолутната „моќ“ или од некој кој ќе ви ја даде конкретната поддршка. Со тоа ваше чувство на „беспомошност“ многу се манипулира од страна на институциите. Денес сме сведоци дека токму црквата грозоморно го искористува тој момент за да ги наполни своите одаи со луѓе и пари.
Јас не можам да најдам сила гледајќи во една икона која е направена од човек и тоа токму со таа намера. Тоа е широка тема за размислување и за дискусија. Не ги знам одговорите, можеби ни прашањата. Не знам колку сме осамени, а колку не сме. Знам дека сме без објаснување зошто постоиме. Само треба да го сочекаме времето кога се ќе биде решено.
Против сум секакви култови – па и во литературата – зашто правењето култови нема да не направи ни подобри, ни посознајни отколку што веќе сме или ќе научиме. Самите.
Бранка Н. Доневска
„Старт“, 2000 година