Високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Турк, денеска предупреди на итната потреба од развој на механизми за управување со вештачката интелигенција, наведувајќи дека таа може да претставува егзистенцијален ризик за човештвото.
„Вештачка интелигенција која го избегнува своето тестирачко опкружување или ги уценува програмерите за да избегне деактивирање е премногу моќна вештачка интелигенција“, рече Турк на отворањето на 63. седница на Советот за човекови права во Женева, повикувајќи на „силни мерки за заштита и безбедност на вештачката интелигенција, додека сè уште не е предоцна“.

„Рака луѓе има речиси неограничена моќ над вештачката интелигенција, за која постојано ни велат дека поседува незамислива компјутерска моќ. Зборуваат за слобода, но по подетално разгледување, се покажува дека тоа е малку повеќе од слобода за експлоатација на нашите податоци“, рече Турк.
„Вештачката интелигенција која манипулира со луѓето веќе е реалност. Најновите генеративни модели на вештачка интелигенција повеќе не само што ги следат наредбите, туку одат дотаму што лажат, интригираат или се закануваат за да ги постигнат своите цели, што сериозно ги загрижи некои истражувачи“, оцени високиот претставник на ОН.
Турк најави дека во наредните денови ќе им пишува на компаниите од овој сектор „за да ги повика да преземат мерки што се во нивна моќ за да ги намалат ризиците“.
„Потребна ни е независна проверка и многу поблиска соработка во поглед на безбедноста во рамките на оваа индустрија“, рече Турк, барајќи да се разгледаат „влијанието на вештачката интелигенција врз практиките при вработување, суштинските демократски принципи и животната средина“.