Сутерен.мк

Отец Пимен: Излегов да са прошетам

Ни тој самиот не можеше да си поверува колку се беше сменил. Ја засака и се трудеше да не го понесе пак жарот мангупски. Да не се излаже пак по некоја колку да си го задоволи егото, да покаже дека знае се уште да заведува. Прстенот што му го беше дала уште на првата средба со радост го носеше на левиот палец за да го потсетува на верност.

Таа пак постојано се плашеше. Се плашеше затоа што често слушаше дека не умее тој во двојка да се задржи. Дека врските му траеле до недела максимум. Но, и покрај нејзиниот страв дека се ќе заврши за неколку дена нивната љубов продолжи. Се радуваа еден на друг. Во градот сите веќе знаеја за нив. И нему му беше полесно. Се навикна. Школската година привршуваше.

Иако беше викенд тоа утро тој стана порано. Горештините веќе беа навалиле малку предвреме. Излезе во град за да најде некого од другарите за да се договорат да тркнат на плажа со точаците. Да видат кај ќе се преселат за некоја недела. Зборно место им беше хотел Турист на Нанчо каде што беше истакнато нивното матурско табло. Првото матурско табло кое се појави во Ресен. Застануваа пред него и си наоѓаа маани на сликите, се смееја за некоја, за некого, па се присетуваа на школските згоди, зборуваа за идните планови во животот. И така додека стоеја завртени со грб кон центарот одеднаш се зачуја забрзани женски чекори и додека успеаја да се завртат тој преку своите очи почуствува две женски дланки а потоа и тивок глас кој го запраша:

-Погоди кој е?

Не остана рамнодушен. Заигра неговото срце од изненадувањето. И го позна гласот и покрај тоа што ретко го слушаше. Поточно го слушаше кога таа понекогаш ќе дојдеше на гости кај тетка и за распусти. Претходно се беа забавувале. Фаќајќи ја за рацете и ги симна од неговите очи, се заврте воодушевено изгледувајќи ја од глава до петици и и рече:

-Нее, од каде пак ти тука?

Таа не ја криеше радоста што повторно го гледа. Беше убава градска девојка од Белград. Направи несмасна пируета за да му се покаже во цела своја убавина признавајќи му дека дошла само за него:

-Дојдов тебе да те видам. Види ми ја сукничкава. Како пеперутка сум се дотерала, ко на Велигден сум се променила за пак, во око да ти паднам. А? Нели сум убава?

Мораше да признае. Не беше тоа љубов. Повеќе беше страст, но сепак го повлече. За момент заборави на сите ветувања што ги беше дал. Шарената сукничка му измами страсен поглед.

-Волшебна си, дојди да те гушнам.

Ги пружи рацете кон неа повикувајќи ја во својата прегратка. Еден зрак од жешкото сонце се одби од прстенот на неговата рака. Таа за момент ја прибра нејзината широко распослана насмевка од нејзиното лице. Направи гримаса на чудење и му ги спушти кон неа испружените раце, па подбивно му рече:

-Оооо, господин зафатен. Ништо од љубовта ова лето- и се заврте.

-Ова ли те одбива? – праша покажувајќи кон прстенот и тргна со објаснување: – А бе знаеш, не е како што мислиш – па направи напор да го симне од неговиот прст, ја испружи раката кон неа и и го подаде продолжувајќи: – Еве ти го поклонувам. Твој нека биде.

-Не сакам- одврати таа подналутено.

– Од која ти е? Се заљуби? -Продолжи таа како да не сакаше да си признае дека го загубила.

Машката суета не му дозволи да признае. Похотта машка го водеше во тој момент за да продолжи во своите оправдувања:

-Глупости. Знаеш една малечка ме прогонува. Ми го даде мислејќи дека само нејзин ќе бидам- рече смеејќи се за да биде поуверлив.

-Не ти верувам – возврати таа во моментот кога се заврти за да си замине.

Не го прифаќаше поразот. Се приближи до неа фаќајќи ја за рака и се обиде да ја задржи. Потоа со другата рака од неговиот заден џеб извади писмо. Ја гушна од зад грб, го отвори писмото и почна потсмешливо да го чита. Од писмото можеше да се прочита цела онаа искрена љубов на малечката која беше ја распослала на хартијата, но тој го читаше така искарикирано за да изгледа тоа смешно и наивно:

-Читаш? Зар во ваква селска мома би можел да се заљубам јас и верен да и бидам? -праша, па ја заврти кон него и продолжи: – Еве утре ќе и кажам мала си, заслужуваш поубава среќа. Животот е пред неа.

-Е арно, нека биде и овој пат по твое. Не ти верувам баш, ама еве ова нашево и така не знаеме до кај ќе тера. Знеаме дека ни ти ни јас ништо сериозно не планираме – рече таа па го гушна силно заминувајќи.

-Те барам попладне- викна тој испраќајки и уште еден бакнеж преку испружената рака.

-Ај баш и тоа чудо да видам – возврати таа потскокнувајќи во целата своја грациозност.

И додека тој се уште гордо уживаше што и овој пат му запали мангупската финта да излаже и да придобие женско срце, од зад грб слушна шушкање од другарите кои со скриен поглед му покажаа дека малечката е на неколку чекори од нив. Нозете му се пресекоа кога го сретна нејзиниот скршен и гневен поглед во исто време. Се обиде веднаш да ја прикрие неговата исплашеност покривајќи ја со вообичаената за него насмевка. Таа стоеше скаменета и покрај тоа што имаше само желба да истрча дома и да се исплаче. Сепак избра да се соочи. Да му каже дека не попусто веруваше цело време во своите стравови. Да го отера кај што му е местото. Со поглед му кажа да не се обидува да ја допре кога тој се приближи до неа и се обиде да спушти топка:

-Еј мала- изусти преку наместената безгрижна насмевка.

-Се видов, се чув – возврати обидувајќи се да го исконтролира бесот и да ги задржи солзите кои беа веќе на работ од нејзните тажни очи и само чекаа мало движење за да прелијат и да се истркалаат по нејзините образи.

-Не бе мала, не е како…- се обидуваше да се извади правејќи ситни чекори кон неа за да може да ја гушне и да ја смири во својата прегратка. Да ја стисне силно на неговото рамо и да ја држи тука додека не го исплаче цел свој гнев.

-Мала? Море маларија да та сотрит! – изговори во истиот миг бидејќи нејзината намера беше сосема различна од неговата. Се гадеше од неговиот допир и постојано ги држеше рацете на гард за да го ескивира евентуалнион негов допир. Повредата на изневерените чувства и го заматуваше разумот и јазикот веќе не се контролираше. Не беше во корелација ни со умот, ни со срцето.

-Срце… – се обиде тој повторно да ја омекне.

-Срце да та стегнит идиоту – проколна повторно, а нејзините раце веќе тргнаа кон неговото лице, но овој пат многу поразлично од сите други случаи кога беа нежни и со љубов го милуваа. Овој пат не беа ни малку нежни. Луто ги повредуваа неговите образи и оставаа румени траги под прстите.

Немаше намера да се брани, да се обиде да ги фати и скроти нејзините размавтани раце. Се си мислеше дека ќе го истури својот бес врз него а потоа уморна ќе падне во неговата прегратка и само смирено изусти:

-Де бе…

Но не, не застануваше тука кавгата и нејзините обиди да го повреди и физички. Не застануваа нити неконтролираните удари нити лутите клетви од нејзините од болка и бес растреперени усни:

-Не де бе, туку девет години да лежиш!

-Еј, де бе… – се обиде уште еднаш да ја прекине тој фаќајќи и ги рацете по малку луто.

И пред тој да гукне уште збор, таа ги извлече нејзините зацрвенети раце од неговите, го подигна погледот и смирено рече:

-Де бе? Да би девет постели да смениш… – продолжи без да е свесна дека она што го изговори ќе биде опеано еден ден во тажна љубовна ресенска песна.

Следеше само едно зачудено:

-Ама… – со неверување што се чу од неа.

-Не ама, ами аман од тебе… – беа последните зборови кои се мешаа со нејзините одлучни брзи чекори кои ја одалечуваа од него.

Не се обиде да потрча по неа да ја застане, да продолжи да се правда и да ја убедува. Се заврте и тој и со наведната глава за да не се гледаат неговите зацрвенети образи на утрински тазе ибриченото лице и се упати кон дома. Без да се заврти на другарите им даде знак со рака дека заминува и со тежок чекор го исправи патот.

Таа заминувајќи гневно кон дома до што и падна цвеќе и тревка во висина на раката го искина и го фрли гневно зад себе како да сакаше да го обележи патот по кој веќе никогаш не ќе посака да се врати на тоа место кај што умре нејзината љубов.

Со денови ја давеше својата несреќна љубов во солзи. Не ни јадеше, нити пак стануваше од кревет. Гневот и тагата полека но сигурно и го отстапуваа местото на депресијата. Не сакаше да одговори нит на повиците на своите другари и другарки кои се обидуваа да ја споделат тагата со неа и да и ја вратат радоста. Не им одговараше, но знаеше дека тие и се се што и остана. Тие и беа богатството што од постела ќе ја дигне, ќе ја стокми во ново руво и во вечниот дом ќе ја испрати.

Ах, кутрата и мајка едвај го задржа татко и на врата кога со чифтето тргна кон него не можејќи да ги голтне зборовите на ќерка си кога им порача:

-Кога ќе умрам мајко ле, другарки да ма облечат, другари да ма однесат.

(Авторот е митрополит на Европската епархија на МПЦ-ОА. Попознат, како отец Пимен. Роден, одамна во Ресен. Од ‘97 година во Водочки манастир. Живее во кола.)

п.с.

Народната песна

Излегов да са прошетам

Излегов да са прошетам
низ ресенските улици,
таму го најдов либето,
со друго либе седеше.

Со друго либе седеше,
мојте ги писма читаше,
мојте ги писма читаше,
мојот го прстен даваше.

Јас си го љуто проколнав
девет години да лежит,
девет години да лежит,
девет постели да сменит.

Кога ќе умрам мајко ле
другарки да ма облечат,
другарки да ма облечат,
другари да ма однесат.

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *