Сутерен.мк

Отец Пимен: Цвета мома убава

Светот бил и ќе биде полн со убави луѓе. Кои среќни, кои несреќни ама има и по некој убав, ама без к’смет. И дури има такви ќе има и песни и приказни за нив. И ако познавате некој, некоја таква, исто кakо да сте ја познавале Цвета. А Цвета не дека наша, ама навистина беше убава.

Градска чупа, стално дотерана, височка, калеша, со бранчиња во косата, природна, шо викаа на времето, со големи бузи и едни очи сини, ко да се измешале тука боите на езерото и на небото. Кога ќе ја загледаш во нив, добиваш желба да се нурнеш во нив и низ душата да и пливаш. Ем убава, ем сакана. Среќна беше што можеше да бира кому ќе му го подари срцето. Ама пусто убавината, среќата и к’сметот не се секогаш на куп. Па не беа ни овој пат договорени да се сите на едно место, кога Цвета реши да прошета и да одбере некого со кого век ќе векува.

И така тој ден на Тодорова сабота како и сите млади и Цвета излезе од сабајле в црква на причест, а после на корзото оти таков беше адетот да се излезе на бендисување. Си ја понесе со себе целата своја убавина, пушти чекор по корзото, го исправи долгиот врат, капелата ја навали на десната страна, ги стисна повозрасните братучетки под рака, едната од лево, а другата одесно и одважно ги ловеше сите машки погледи кои беа упатени кон неа. А ги имаше многу.

Сите споделуваа насмевки со неа кога ќе им се сретнеа погледите. Имаше и такви кои после разминувањето правеа уште 5-6 чекори, па вртеа по другиот тротоар за да да не бидат приметени во гужвата и пак да се вратат на истиот и пак да ја сретнат Цвета. И кога после цели два саата шетање угоре – удолу по корзото мислеше дека нема среќа да најде лика спроти себе, необична бука на кршење филџани и го сврти вниманието.

Кога поминуваше пред хотелот Турист дури и постарите гости ја загледуваа, па таа ја вртеше главата на другата страна. Келнерот веќе трети или четврти пат ја загледуваше, но таа упорно го криеше погледот поради убеденоста дека нејзиниот љубен нема да го најде баш по кафеаните. Поинаку го замислуваше. Како голем домаќин. Е сега, не само келнерот што ја забележа толку пати, туку и еден од гостите – Димко.

А Димко си беше приказна за себе. Убаво, стројно, слабичко момче со црна густа коса, која на сончева светлина знаеше да блесне и во темно зелена нијанса. Со младешка мека и ретка брадичка, долг остар нос и враголести, немирни очи и секогаш насмеан. Пиеше кафенце со ракиичка и пушеше цигара со чубук. Сакаше да носи убави чевли. Не дека беше богат, туку кога имаше, имаше и за него и за сите другари, а кога немаше, знаеше и да го нема низ чаршија.

Е, ова беше еден од оние негови богати, а Бога ми и среќни денови. Тој ја забележа Цвета, ама не и Цвета него. Не сакаше петтото поминување да биде оставено на случајност за да го забележи. Ја загледа на десетина чекори пред да стигне до неговата маса, ама го забележа и келнерот дека кога таа минува овој не гледа каде гази. Го искористи моментот и неговите нови изгланцани чевли и му подметна нога на келнерот кој на тацната носеше пет филџани кафе. Свесно рескираше и неговите бели пантолони да бидат уништени од кафето, но беше убеден и дека само на тој начин ќе го улови саканиот поглед.

А беше пресметал се точно до минутка и до милиметар. Келнерот се сопна, викна “ооооп” колку глас го држи, ја изгуби рамнотежата, кафињата се разлетаа на сите страни, се зачу звук на кршење на филџани и по некое “ах-ух” од попарените гости, што беше доволно Цвета да го заврти погледот. А бидејќи падот на келнерот беше токму пред неговите нозе, секако и цветините очи застанаа на тоа место. Димко успеа да го улови и преку очите да и го допре срцето со неговата учтивост и насмевка.

Конечно и нејзината учтива насмевка и се разлеа по лицето повеќе од дозволеното и прсна во незапирлива смеа. И сама не знаеше дали се смее на ситуацијата или на тоа што конечно, некој и паднал во око.

Димко ја искористи целата оваа збрка за да се претстави, па дури и да ја замоли да му го подаде шамивчето што постојано го држеше во нејзината лева рака за да го забрише кафето од пантолоните, со ветување дека ќе го испере, намириса со ливанто, ќе го испегла и следното корзо ќе ја најде под дрво и под камен за да и го врати.

Брзо ја кандиса, а и си договори следна средба.

Си стоеше на зборот. Го стокми шамивчето според ветеното и навремено го врати, па си направи и неколку круга низ корзото со Цвета. Секако, не чекореа сами по корзото за да не ги озборуваат, туку тој со другар му, а таа со братучетките. По пат ја кажа и покажа својата љубов, па дури такса, ако и таа кандиса, само неа верно да ја љуби. И така започна таа навидум среќна љубов. И траеше нецела година.

Се гледаа на корзо и си праќаа по некое писмо скришум. Траеше до моментот кога Цвета реши да оди пешки со другарките на манастирот во Јанковец за Богородица. И кога поминуваа покрај монополот го виде Димко со друга. Во првиот момент и не беше баш сигурна дали е тој, зошто беше ставил шешир на главата и го беше навалил истиот над очи. Но како што им се приближуваше, не само што таа стануваше сигурна дека тоа е Димко нејзин, туку и тој сфати дека е уловен, па почна да гледа подоко.

-Ај дигни капче, јас да те видам – низ солзи прозборе убавата Цвета.

Од нејзините езерски очи потекоа две реки. Немаа боја. Но немаа ни брана за да ги задржат.

-Срцево ми го изгоре само да знаеш. Зошто?- се обиде само да извлече одговор Цвета.

Димко само дигна рамена, навали усрамено глава и поита во спротивен правец. Цвета продолжи кон манастирот. Застана пред иконата и кога другарките очекуваа да почне да го колне и да се обиде се најлошо да измоли за него, од неа чуја само:

-О, пресвета Богородице. Знаеш дека го сакам. Чувај ми го и врати ми го. И дарувај ми сила да му простам. Млад е, луд е. Каков и да е, тој ми бил к’сметот.

Поминаа неколку недели после празникот. Цвета постојано беше сама. Не сакаше друштво. Друштво и правеа солзите и постојаното прашање зошто, зошто? Нели, вети?!

И се така, до еден дожлив ден кога тишината во собата на Цвета ја нарушуваа само капките дожд што удираа по прозорецот. Увото и се беше навикнало на тој ритам што веќе не вртеше поглед кон џамот. Повторно си спомнуваше за неговите зборови, дека само неа верно ќе ја љуби. Се прашуваше зошто Димко да не дојде и да ја побара, па и да ја изљуби.

Еден невообичаен остар звук како камче кога удира по стакло ја пресече во размислувањето. Следуваше и втор и трет таков удар на прозорецот. Реши да наѕре низ него и да види што се случува. Кога погледна, не знаеше дали поскоро да плаче или да се смее. Под прозорецот стоеше Димко со една веќе прецветана црвена роза во раката. Облеката се беше залепила за него. Трепереше од студениот дожд. Чадорот затворен го држеше во левата рака само за да се потпира на него. Косата се беше разделила на патец како отворена тетратка а од краевите капеа крупни капки вода. Чевлите не се гледаа. Беа потонати во калта.

Не размислуваше ни миг дали да го отвори прозорецот.

-Шо преш бе шупелко една под пенџере? Са гледаш на шо дереџе си?! – налутено, но и загрижено подвикна Цвета.

-Само сакав да ти кажам прости – рече Димко, подигна рамена и сложи покајничко лице.

-Е, нели сам рече дека само мене верно ќе ма љубиш?! Нели, рече?!- уште зер од лутината прашуваше Цвета.

-Реков и еве, пак ќе ти речам. А ти сакаш верви, сакаш не верви. Та сакам само тебе. Чекај да ти го фрлам цвеќево – рече Димко и замавна со розата кон џамот.

Промаши, ја тресна во ѕидот. Уште еднаш се обиде. Овој пат, успешно. Розата, поточно она што беше останало од неа – трњето, листовите и две, три ливчиња од самиот цвет, се најде во цветините раце. Мислеше дека се мајтапи со неа и беше спремна да го отера во … но кога се боцна на едно од трнчињата си помисли, а што ако Богородица и ја слушнала молитвата? Му даде знак со прстот да се приближи колку што може повеќе до прозорецот и му шепна:

-Се ти проштевам дека си лудо, само врати се и само биди само, само мој. И чекај ма петок во седум на корзо пред на Нанчо хотелот.

-Кажи ми само дали сакаш сега да ти кажам дека та сакам или петок ко ќе са видиме? – праша радосниот Димко.

-Море мрш дома, дур не си са поболил будалче едно- свика насмеано Цвета, му ја фрли розата назад и ја затвори пенџерата. Во нејзините очи дури и преку солзите се наѕираше сјајот на радоста. Ги дигна рацете и ги избриша солзите. Повторно погледна низ прозорецот. Овој пат го виде Димко како си ја разбушавува мократа коса, како ги соблекува чевлите, ги врзува еден со друг и ги префрла преку рамо. Како се врти стопен во насмевка од уво до уво и како и праќа бакнеж.

Дојде и петокот, и уште многу следни и свадби и крштевки. Цвета си остана убава, а Димко едноставно луд.

(Авторот е митрополит на Европската епархија на МПЦ-ОА. Попознат, како отец Пимен. Роден, одамна во Ресен. Од ‘97 година во Водочки манастир. Живее во кола.)

п.с.

Народната песна

Цвета мома убава

Цвета мома убава
сама седи само се пита
зошто Димче ти да не дојдиш
мене да љубиш?

Сношти бев на прошетка,
на прошетка кај монополот
там го најдов моето либе
друга љубеше.

Турил капче над око
мене гледа се испод око.
Дигни капче јас да те видам
срце изгоре.

Нели ти реков Димче бре
само мене верно да љубиш.
Се ти проштевам дека си лудо
само врати се.

 

One thought on “Отец Пимен: Цвета мома убава

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *