Французинка од карипскиот остров Гваделуп е идентификувана како единствен познат носител на нова крвна група, наречена „Гвада негатив“.
Објавата е дадена по 15 години откако истражувачите добиле примерок од крв од пациент кој бил на рутински тестови пред операцијата, соопштила Француската установа за крв (ЕФС).
– ЕФС штотуку го откри 48-от систем на крвни групи во светот. Ова откритие беше официјално признато на почетокот на јуни во Милано од страна на Меѓународното здружение за трансфузија на крв (ИСБТ) – соопшти агенцијата.
Тјери Пејрар, медицински биолог во ЕФС вклучен во откритието, изјавил дека многу необично антитело е првпат пронајдено кај пациентот во 2011 година. Сепак, ресурсите во тоа време не дозволувале понатамошно истражување.
Научниците конечно успеале да ја откријат мистеријата во 2019 година благодарение на секвенционирањето на ДНК со висок проток, кое открило генетска мутација, според Пејрар.
Пациентката, која во тоа време имала 54 години и живеела во Париз, била на рутински тестови пред операција кога било откриено непознатото антитело, додал Пејрар.
– Оваа жена несомнено е единствениот познат случај во светот. Таа е единствената личност во светот која е компатибилна со себе – рекол тој.
Пејрар изјавил дека жената ја наследила крвната група од нејзините родители кои го имале мутираниот ген. Името „Гвада негатив“, кое се однесува на потеклото на пациентката, е популарно кај експертите, истакнал Пејрар.
Системот на крвни групи АБО првпат е откриен во почетокот на 20 век. Благодарение на секвенционирањето на ДНК, откривањето нови крвни групи се забрза во последниве години.
Пејрар и колегите сега се надеваат дека ќе пронајдат и други луѓе со истата крвна група.
– Откривањето нови крвни групи значи дека на пациентите со ретки крвни групи им се нуди подобро ниво на грижа – соопштиле од ЕФС.