Сутерен.мк

Партија и, се е можно

На 69-тата седница на вториот кабинет на премиерот Зоран Заев, владата ја назначила Бесмира Ејупи за член на надзорниот одбор во Железница.

-Владата ја именува Бесмира Ејупи за член на Надзорниот одбор за контрола на материјално-финансиското работење на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на Република Северна Македонија – Скопје, стои во записникот на оваа седница одржана на 11.05.2021. година.

Со седницата во отсуство на Заев, раководел Артан Груби како прв заменик на претседателот на владата. Не биле ниту вицепремиерот Никола Димитров, министерот за надворешни работи Бујар Османи (кој според обвинувањата на опозицијата ја вработил Ејупи во МНР пред кратко време), ниту ресорниот, за железници, министер за транспорт и врски Благоја Бочварски. Но Ејупи била изгласана да ја надзира финансиската работа на Железници-инфраструктура.
За член на надзорен одбор во Јавно претпријатие треба да се изберат и да се именуваат „лица со високо образование, кои поседуваат знаења и искуство особено од дејноста на финансиското и сметководственото работење.“ Ејупи која е поранешна ТВ презентерка имала високо образование од нефинансиска област, дипломирала на одделот за меѓународна комуникација на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, а била магистрант на Правниот факултет при ФОН.

Сите присутни министри гласале за Бесмира Ејупи, Заев и Османи со алиби

Ниту во Државното правобранителство каде што била ангажирана во периодот на изборот за член на надзорен одбор во Железници, Ејупи не извршувала финансиско-сметководствени обврски туку била ангажирана за „студиско-аналитички и нормативно-правни работи, остварување комуникација со медиумите, владата и со други државни органи, подготвување стручни анализи за процесот на реализација на заклучоци на Владата, согласно потребите на државното правобранителство“. Цитатот е одговор од Правобранителството во јуни.

Сепак на седницата лани во мај, ниту еден министер не се побунил што меѓународен комуниколог бираат за финансиско –сметководствен надзор, па кадровското решение со Бесмира Ејупи го подржале и министрите Спасовски, Шекеринска, Нуредини, Филипче, Царовска, Маричиќ, Бектеши, Бесими, Хоџа, Шахпаска. Одлуката ја поддржале и тогашниот вицепремиерот за борба против корупција и за добро владеење Љупчо Николовски, економистот Битиќи, а веќе спомнавме дека седницата ја водел Груби.

Како член на надзорен одбор, Ејупи имала обврска да поднесе анкетен лист за имотот. Но, не поднела туку првин била казнета. Прекршокот и глобата си ги платила и конечно поднела анкетен лист. Глобата е во висина од 300 до 500 евра, но доколку се плати во рок од 8 дена, сумата се преполовува.

Но, сега се поставува прашањето како и со кои пари ја платила глобата. Бидејќи во анкетниот лист не навела никакви приходи ниту пак имала било каков имот. Наведено е дека нејзините родители имаат имот од наследство во Дебар, земјоделско земјиште од 11.809 м2 и куќа од 268 квадратни метри. Никаде не е наведена вредноста на родителскиот имот.
Во исто време кога имала обврска да достави анкетен лист,Бесмира Ејупи имала вкупно 6 хонорари од државни и општински органи, односно граѓаните ја плаќале истовремено за 6 обврски за што веќе имало вработени во институциите. Најспорно е што ниту еден хонорар не е пријавен во анкетниот лист, а најмалку 12 илјади евра Ејупи има исплати за 16 месеци.

Како што спомнавме, Ејупи е избрана на 69-тата седница на кабинетот на Заев, а разрешена е од надзорниот одбор на Железници Инфраструктура на седница со иста бројка, но со друг премиер, на 69-тата седница на кабинетот на Ковачевски. Тоа било на 16-ти август. Нема информации што сработела и што открила при финансискиот надзор на Железници. Владата уште не го објави записникот од седницата за да видиме кои министри биле и гласале за.

Но, Ејупи не чекала многу, повторно е згрижена во државниот апарат, во МНР каде министер е Бујар Османи како правен советник. Тоа го соопшти опозициониот портпарол Наум Стоилковски, по што повторно беше отворена работа за антикорупционерите.

Молк од куќата на дипломатијата, посилен од молкот за бугарскиот протокол

МНР и министерот Османи, 4 дена ја игнорираа јавноста и го одмолчуваа скандалот. Полесно беше да се добијат информации за бугарскиот протокол кога беше „најжешко“ отколку за вработената во државно која земала плата и работела за 6 институции, симултано, како шаховските велемајстори кога играат против повеќе аматери во некој парк или сала.

Дури денеска министерот Османи рече дека Ејупи ќе работи како почетник во одделот за протокол во МНР, тврди дека секој има право на вработување, да конкурира за место кое посакува или пак да се обиде да прави дипломатска кариера.

Ејупи во МНР всушност стигнала на мала врата, со превземање од друга државна инститиција. Од министерството за политички систем кое го раководи првиот вицепремиер Артан Груби. Таа била вработена во едно министерство преку конкурс и веднаш ја презело друго министерство.

Со тоа Ејупи само го продолжила списокот на државно-општински институции и органи каде била на платен список. Државно правобранителство, општина Брвеница, општина Чаир, општина Сарај, општина Петровец, Железници-инфраструктура, Министерство за политички систем и односи со заедници, Министерство за надворешни работи. Или вкупно 8 институции на број.
Немаше објаснување зошто Министерство за политички систем и односи со заедниците (Груби) распишувало конкурс за вработување на кој е избрана Ејупи, па многу брзо после тоа да се пресели во друга институција стотина метри подолу и поблиску до центарот на Скопје.

Списокот е за потсетување на министерот Бујар Османи и премиерот Димитар Ковачевски кои денеска односно завчера наведоа дека Ејупи била вработена во општина Петровец, долги години раководена од кадар на ВМРО-ДПМНЕ. Но, никаде не беа спомнати останатите институции каде има двајца министри од ДУИ, еден државен правобранител, директор од СДСМ и 3-ца градоначалници, повторно од ДУИ.

Обвинителство „исчисти“ една пријава за платите на Ејупи

Објаснување се бара само од Петровец, но не и од останатите. Вработувањата на Бесмира Ејупи беа предмет на работа веќе еднаш во ДКСК. Во јуни испратија иницијатива до обвинителството за 5-те (Брвеница, Чаир, Сарај, Петровец и Државно правобранителство) државни хонорари под сомнеж за злоупотреба на функционерите и непочитување на антикорупциските правила.

Обвинителството во Тетово досега разгледало една иницијатива на ДКСК и ја отфрлило.

-За надоместоци исплатени за наведеното лице во општина Брвеница, Основното јавно обвинителство Тетово донесе Решение за отфрлање на иницијативата во вид на кривична пријава за кривично дело – Несовесно работење во службата по член 353-в став 5 од Кривичниот законик, бидејќи пријавеното дело не е кривично дело за кое се гони по службена должност. По останатите кривични пријави, надлежните јавни обвинители (Скопје и ОЈОГОКК) постапуваат за прибирање докази со цел да се испитаат сите факти, по што ќе бидат донесени јавнообвинителски одлуки, ни одговорија од обвинителството.

Не е прецизирано зошто обвинителството не е надлежно да гони по службена должност злоупотреба на пари од буџетот на општина Брвеница и кој тоа во име на општината треба да го стори со приватна кривична пријава.

Инаку, во обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција има исто така отворен предмет поврзан со државните приходи на Бесмира Ејупи, а се однесува на хонорарот во Државното правобранителство.

-Во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција врз основа на известување од Управата за финансиска полиција беше отворен предмет за лицето за кое покажувате интерес. Предметот е во предистражна постапка, обезбедена е документацијата од Државното правобранителство, а се постапува и во насока на обезбедување на други докази и факти што се од значење за расчистување на случајот. Имајќи предвид дека предистражната постапка е тајна во моментот не може да споделиме повеќе детали за предметот, ни одговорија од обвинителството.

А интересот и опозициските обвинувања за случајот со Бесмира, премиерот Димитар Ковачевски се обиде да го одбрани со коментар дека станува збор за шовинизам на опозицијата кон жени, кој се почесто се искажува од нивна страна.

Иако со нејзините приходи платени со пари на граѓаните се занимавале многу институции задолжени за борба против корупција и функционерски злоупотреби, државни службеници-министри одлучија повторно да и дадат државна плата.

Новото вработување и новата државна плата за Бесмира Ејупи од пари на граѓаните, се погоди со тешката војна меѓу институциите која меѓу друго ја истражуваа токму неа и донесоа големи потреси, суспендирана Вилма Русковска од обвинителство, разрешен правобранителот Фехми Стафа и повлекување на директорот на финансиската полиција Арафат Муареми.

Сите нив ги „натераа“ да заминат од државно поради судирот, а Ејупи си доби ново работно место. Во државно, на грбот на граѓаните. Засега во државата иако стана позната преку изборот за генерален козул во Њујорк, САД. Како невработена во МНР и дебитант во дипломатијата.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *