Фејсбук с(р)еќавања…
Членување во партија, припаѓање на религија, како и вљубувањето, не е ништо друго, туку давање моќ некому да те уништи, а притоа да веруваш дека нему никогаш такво нешто нема да му падне на памет.
****
Кога немаш храброст да се бориш за она што ти следува, тогаш плачи. За да бидеш мрсулав, не ти треба ништо. Само нос. Каков и да е…
****
Секоја жена има Еден што не може да го преболи. По кој цел век ќе жали и копнее пак, да го види. И, пак…
Тој не е сегашниот.
Тој ја правел жизнерадосна и одговорна. Духовита и емпатична. Строга и секси. Безбедна. Другарка, сопруга, мајка, колешка, Жена.
Со него, поточно во него, таа имала и Живот и Приклученија.
Не туку се занесувајте, не е некаков си маж.
За стан зборувам. За Стан.
****
Јас: Те сакам.
Ќерка ми: Ќе видиме.
****
Мојата 9-годишна ќерка на една бенигна забелешка за нејзиното однесување, ми вели “не биди патетичка.” “Патетична е правилно”- одговарам, а таа: “да де, кралица на драматичката си.”