Пауните се познати по нивните фасцинантни обоени опашки кои рефлектираат светлина со различни бои, ново истражување на американски научници открива уште поневеројатен феномен. Имено, одредени точки на нивната опашка функционираат како микроскопски ласерски извори. Истражувачи од Политехничкиот универзитет во Флорида и Државниот универзитет „Јангстаун“ идентификуваа структури во „очите“ на пердувите на паунот кои ги усогласуваат светлосните бранови, рефлектирајќи ги напред-назад на начин што резултира со ласерско зрачење во жолто-зелени тонови.
Ова откритие е прво од ваков вид во животинскиот свет. Иако феноменот на засилување на светлината (стимулирана емисија) се јавува и во природата, за да се емитува вистинска ласерска светлина, светлосните бранови мора прецизно да се усогласат во фаза, што обично се постигнува во затворени оптички резонатори.
Во овој случај, научниците пронајдоа наноструктури во пердувите кои дејствуваат токму како такви резонатори, емитувајќи прецизно дефинирани бранови должини на светлината, во зелениот и жолто-портокаловиот спектар.
Сè уште не е сосема јасно која специфична физичка структура во пердувите ја овозможува оваа совршена емисија на светлина, но фактот дека истите обрасци се појавуваат низ пердувите и секогаш произведуваат исти бои сугерира дека станува збор за многу фино наместен механизам.
Откритието би можело да има широка примена, од развој на нови видови биолошки ласери до алатки за анализа на живи материјали. Во биологијата, откривањето вакви светлосни феномени отвора врата за подобро разбирање на тоа како животните комуницираат меѓу себе користејќи светлосни шеми и бои кои се невидливи за луѓето.
Зошто природата „вградила“ ласери во пауните, останува мистерија, но можно е тие да им помагаат да се препознаваат меѓу себе или да се додворуваат во спектар што само другите птици можат да го видат.