Дел од биолошката терапија на клиниката за онкологија повторно ја нема, алармираат онколошките пациенти. Проблемот со редовноста на терапиите се провлекува со години наназад заради бирократските процедури при тендерските набавки.
Онколошките пациенти бараат од здравствените власти да се направат промени во системот со кои нема да се јавува недостиг на лекови.
„Не целата биолошка терапија, станува збор за пет лека кој што во овој момент се дефицитарни, што не значи дека нема да се појави проблем, повторно станува збор за онаа терапија која што е на условниот буџет, значи не онаа терапија која што се набавува преку позитивната листа. Се додека овие лекови се на тој условен буџет ние постојано ќе бидеме во оваа недоумница, дали и кога ќе снема средства за да се намали терапијата и поради тоа постојано инсистираме колку е важно да се направи промена на позитивната листа“ – Ана Марјановиќ.
Од клиниката за онкологија потврдуваат дека достапноста на биолошката терапија е поврзана со административните процедури, но и дека буџетот од претходната година не соодвестува со потребите на клиниката. Менаџментот тврди дека веќе се преземаат мерки за подбро планирање на набавките и поедноставување на процедурите.
„Состојбата со достапноста на биолошката терапија е поврзана со административнита процедура, којашто се реализира согласно буџетот од 2024 година, кој е креиран од претходната година согласно тогашните проценки и недоволно и соодветно испланиран, согласно потребите на клиниката. Тука треба да се земе во предвид и континуираниот пораст на бројот на онколошки пациенти, како и комплексните административни и финасиски процеси, кои влијаат врз набавката на лекови. Во однос на предизвиците со тендерските постапки, веќе се преземаат мерки за подбро планирање на набавките и поедноставување на процедурите. Целта е да се обезбеди навремено и континуирано снабдување со терапија за сите пациенти. Веруваме дека со овие мерки наскоро ќе се надмине актуелниот недостаток“ – Универзитетска клиника за онкологија.
Статистиката покажува дека постојано се зголемува бројот на пациенти на клиниката. Годишно во земјава околу 6.000 луѓе во просек се дијагностицираат со рак.