Дебелината е голем здравствен проблем кој погодува милиони луѓе низ светот. Многу од нив одат на операции, се подложуваат на екстремни диети или пијат скапи лекови за да симнат некој килограм. Но, што ако има поедноставен и побезбеден начин за губење на тежината?
Нова студија објавена во „Сајенс адвансес“ посочува дека вибрирачка пилула може да е одговорот. Пилулата е дизајнирана да го имитира чувството на полн желудник преку стимулација на нервните завршетоци во органот. На тој начин може да го измами мозокот да мисли дека сте јаделе доволно и да спречи прејадување.
Пилулата е дело на истражувачи од „Харвард“ и МИТ. Тоа е мала капсула која содржи мотор и батерија. Штом моторот ќе почне да се врти, пилулата вибрира околу 38 минути, што е просечното време колку што храната останува во желудникот.
Истражувачите ја тестирале пилулата на свињи со слична тежина како човечката. Тие утврдиле дека пилулата ефикасно го стимулира нервот луталник, кој го поврзува абдоменот со мозокот. Пилулата, исто така, ги сменила нивоата на хормони поврзани со глад и ситост, како инсулин и грелин. Како резултат на сето тоа, свињите што ја добиле пилулата јаделе околу 40 отсто помалку од другите.
Пилулата не предизвикала штета или неудобност кај свињите. Тие се однесувале нормално, освен што биле помалку активни по оброците. Истражувачите не забележале знаци на воспаление, дијареја или повраќање кај животните.
Студијата открила и интересни детали за патот на пилулата низ дигестивниот систем. Било измерено колку брзо таа поминала низ дигестивниот систем на животните и било утврдено дека се исфрла по околу 4 дена. Тоа значи дека може да се користи како привремен потиснувач на гладот без потреба од операција или имплант.
Сепак, пилулата сѐ уште не е подготвена за луѓето. Сѐ уште има многу прашања и предизвици на кои треба да се одговори пред да може да стане лек за дебелина. Некои експерти се скептични за потенцијалот и практичноста на пилулата и велат дека свињата не може да каже дали ѝ е неудобно, но и дека нервните завршетоци кај пациентите може да станат помалку чувствителни на истегнување.
Според психологот Алан Гелибтер, најголемата пречка е големината на капсулите. Тој вели дека тие се големи како најголемите апчиња што пациентите ги пијат денес. Пациентите веројатно ќе треба да пијат по две секој ден за да го контролираат апетитот. Затоа, тој смета дека сѐ уште не се погодни за луѓето.