Имам дечко кој го запознав на журка на која и двајцата бевме многу пијани. Врската продолжи и наредниот ден и месец и еве една година, но тој не е стално пијан туку само кога треба да водиме љубов. Малку ми смета тоа. Не многу, ама се прашувам зошто мора да се напие? Добар е со мене, внимателен, мислам дека ме сака, ама штом сме сами, почнува да пие и не престанува дури ни по сексот? Згора на се, ми призна дека бил со друга, ама дека тоа не се сметало зашто бил многу пијан. Сакам да му се одмаздам, ама не знам како?
Сека (35)
Сека дарлинг, одмаздата е убаво чувство до кај 25-тата година, потоа создава само гасови во стомакот. А и нема да го отрезните дотичниот и да спиете со цел фудбалски тим – за тој што навива, секако.
Во години сте кога (нај)сериозно мора да ја испланирате својата иднина барем во наредните десет години.
Тоа значи дека мора да најдете одговор на следните прашања:
не може ли да спие со вас ако е сосема трезен? Едно е да се напиете чашка – две како „предигра“, тоа опушта и загрева, но, ако некој мора да се налие пред секоја ваша блискост, тоа веќе е симптом на посериозен проблем. Доколку му е дојдено до вас, ќе сака да ве види, почувствува, допре и кога сосема му е бистра главата. Обратно, тоа не е љубов, тоа е спорт.
Или пак е крајно несигурна личност, којашто бара спас. Токму од вас, токму сега.
Спасувањето некого е многу одговорна работа и треба навистина херојски дух за да се нафатите за истата.
Имајте на ум и дека ниедна изјава под дејство на алкохол судот не ја смета за важечка. Не би требало ни животот…
(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)