Сутерен.мк

Поднесено обвинение за грабнување и свирепо убиство на Жежовски и Вања

Обвинителството поднесе обвинителен акт до Кривичен за соизвршителите на убиството на 14 годишната Вања Ѓорчевска и 74 годишниот Панче Жежовски. Боре Видевски, Велибор Манев и Ватко Кешишов се гонат за грабнувањето и двојното убиство.

Обвинителен акт е поднесен и за такото на девојчето, Александар Ѓорчевски, обвинет дека помогнал во грабнувањето на неговата ќерка, односно давал информации за нејзиното движење. Мотивот им бил да изнудат пари, односно да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.

– Откако претходно обвинетиот татко на оштетеното дете, преку првоосомничениот дал упатства за времето кога девојчето ќе излезе само за да оди на училиште, тројцата сега обвинети дошле пред влезот на зградата каде живее оштетеното дете. Со штрафцигер ја отвориле вратата од влезот на зградата, па кога жртвата излегла од лифтот, ја фатиле, ја совладале и ја врзале, заканувајќи и се да не вика затоа што ќе пукаат. Ја ставиле во вреќа за спиење со подотворен патент и со автомобил ја однеле во близина на местото викано “Дупки”, во атарот на селото Бразда.

Таму на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот малолетното лице, така што првоосомничениот и нанел огнострелна повреда со истрел од пиштол со калибар 9 милиметри, а обвинетите го закопале телото во претходно ископана дупка. Потоа на нива покрај земјен пат, во атарот на селото Бразда, го запалиле автомобилот „Цитроен” со велешки регистарски таблици, за што употребиле бензин во туба што го набавил еден од обвинетите. Таткото на девојчето им помогнал да го реализираат нивниот план и тој е обвинет за помагање во кривичното дело – Грабнување, соопштија од Основното јавно обвинителство.

За првоосомничениот на убиствата, Љупчо Палевски Палчо, кој беше екстадиран од Турција во државава на 15мај, истрагата продолжува. Палевски сега е во истражниот затвор во Шуто Оризари, а на 21мај беше изведен пред судија на претходна постапка, каде што му беше потврдена мерката притвор. За Стефан Димковски, кој е осомничен дека му помогнал на Палевски со превоз при бегството до Турција, кому во март годинава му беше укинат притворот, засега продолжуваат мерките на претпазливост.

Обвинителниот акт се темели на вербални и материјални докази. 14-годишната Ѓорчевска и 74 годишниот Жежовски, беа пријавени за исчезнати на 24 и 27 ноември, минатата година. Безживотните тела беа пронајдени во близина на Скопје и Велес на 3 декември. По распишувањето на меѓународната потерница на 5 декември Љупчо Палевски беше уапсен во Баликесир, Турција.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *