Издавачкиот комитет при Кинеската издавачка асоцијација деновиве ги одбра најдобрите меѓународни преводни издавачки проекти на кинеската литература во рамките на иницијативата за соработка „Појас и пат“.
Од неколкуте стотици издавачки проекти, меѓу 25-те најуспешни проекти досега, избрано е серијата „Најдобрата кинеска литература за деца“, која „Македоника литера“ ја реализира во соработка со издавачката куќа „Делфин книги“ од Пекинг и во која досега се публикувани 18 книги – избори од прозното творештво на најпознатите современи кинески писатели за деца и млади.
Главниот уредник на оваа серија, Ванг Ќуанген, е првиот доктор супервизор за литературата за деца во Кина, професор на Нормал универзитетот во Пекинг и заменик-директор на Комитетот за литература за деца на Асоцијација на писатели на Кина.
Оваа репрезентативна и антологиска серија е прифатена како нова и исклучително квалитетна понуда за македонските читатели, а текстови од овие книги веќе се најдоа и во новите учебници и прирачници за основното образование.
На Катедрата за македонски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип досега се изработени над дваесетина семинарски теми за книги од серијата, како и еден дипломски труд посветен на целата серија.