Повеќе од 13 илјади бегалци избегани од Нагорно Карабах пристигнале во Ерменија, соопшти ерменската влада, речиси една недела по почнувањето на азербејџанската офанзива и капитулацијата на локалното население во спорната енклава
„Владата им обезбедува сместување на сите кои немаат каде да живеат“, соопштија ерменските власти, прецизирајќи дека регистрацијата на бегалците продолжува.
Истовремено локалните ерменски власти објавија дека вчера најмалку 20 луѓе загинале во експлозија на складиште на гориво во Нагорно Карабах. Според нивниот извештај 290 луѓе се примени во болниците, а десетици се „сè уште во критична состојба“.
Егзодусот на илјадници Ерменци од Нагорно Карабах продолжува по молневитата инвазија на Азербејџан на кавкаската енклава главно населена со Ерменци, за денес во Брисел е закажан состанок на претставници на двете страни.
Илјадници Ерменци се засолнија во Ерменија, и покрај ветувањето на претседателот на Азербејџан Илхам Алиев дека правата на Ерменците кои ќе останат во енклавата се „загарантирани“.
Двете поранешни советски републики воено се судрија во 1988 до 1994 година и есента 2020.
Ерменскиот премиер Никол Пашинјан и азербејџанскиот претседател ќе се сретнат на 5 октомври во Гренада, во Шпанија, со учество на францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел. Состанокот е одамна закажан и не е откажан, јавува Франс прес.