Сутерен.мк

Ресенската мото авантура

На почетокот на јули во Ресен се одржа за првпат тридневниот мото-фестивал „Преспа 24“ во организација на мото-клубот Црна Река Македонија, под покровителство на градоначалникот и општината.
На фестивалот учествуваа голем број на домашни мото-клубови, како и мото-клубови од соседството. Односно, на настанот учествуваа 70 мото-клубови од земјава, но и од Шкотска, Полска, Чешка, Словачка, Хрватска, Романија, Бугарија, Србија, Албанија…

„Ресенчани се покажаа како многу добри и гостопримливи домаќини кои ги воодушевија сите гости со својата срдечност. Чувствувам огромна благодарност кон нив и до сите што не подржаа особено, општината и искрено се надевам дека оваа манифестација ќе прерасне во долгорочна традиција“, вели претседателот на клубот, Ванчо Јотовски од Скопје, чие потекло е од Ресен.

Тој додава дека Преспа заслужува да биде видена, а доказ е воодушевеноста на гостите од полудневните тури преку Галичица до Свети Наум во Охрид, Маркова нога, Стење, Коњско…, но и од Битола, Охрид…
„Неизбежен дел од дружбата беа и локалните специјалитети како преспанскиот крап, ѓомлезето, фантастичниот домашен грав… А морам да ги споменам и четирите рок бендови , кои совршено ја надополнуваа и онака фантастичната атмосфера“, раскажува Јотовски.

„Се создадоа нови пријателства, се покажа уште еднаш дека бајкерството не познава граници и не ги дели луѓето според националност или религија, туку само го промовира братството и мото-културата т.е. безбедното возење и носење на опрема.“

Сепак, за време на фестивалот имаше и некои забелешки околу ознаките на бајкерите.
„Да, некои од присутните беа збунети дека на јакните на дел од учесниците го имаше амблемот со четири ’С’, орелот, името ’Србија’… Меѓутоа, тоа е така затоа што клубот ’Црна Река’ е српски и е формиран во 2009 година и таков им е грбот, а од 2020-та има свој чептер и во Македонија.
На грбот на македонскиот клуб стои ’Македонија’ што е доказ дека матичниот мото-клуб не признаваат и како народ и како нација. Нашите односи се навистина братски и тие ни даваат огромна поддршка вакви мото-фестивали да се оддржуваат секоја година во Македонија односно, во Ресен“, појаснува нашиот соговорник.

Потеклото на името
Црна Река е монашки манастир во планините на јужниот дел на централна Србија, сместен во клисурата на Црна Река. Манастирот се наоѓа во селото Рибариќ и припаѓа на Рашко-Призренската епархија на Српската православна црква. Во целина, тој претставува недвижно културно богатство како споменик на културата од големо значење.
И покрај сета своја извонредна убавина и глетки, манастирот Црна Река долго време бил речиси непознат надвор од неговата непосредна околина. Само неодамна, со изградбата на мостот на езерото кај Рибариќ и поправката на приодниот пат, манастирот Црна Река, како редок скапоцен камен на српската средновековна култура, произлезе од релативната анонимност во која живеел 700 години.

Во манастирот се сместени моштите на Свети Петар Коришки. Во манастирот има пештера во која се наоѓа црквата, во таа пештера има вдлабнатина од камен каде капка по капка се собира вода. Според верниците, водата е лековита и особено помага при очни болести, затоа народот ја нарекува „вода на Свети Архангел Михаил“.

Сутерен.мк

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *