Сутерен.мк

Светлана Антиќ-Јовчевска: Будење на мансарда

Утринското кафе на мојата мансарда секогаш е почеток на убави мисли упатени кон човештвото, кое се повеќе тоне во нечовештво. А животниот круг на секој од нас започнува без наша желба, се врти под влијание на центрифугална и центрипетална сила, зависно од надворешни влијанија, додека ние во себе се јадеме и се труеме немоќни да смениме нешто. Менувањето почнува во нас. За тоа треба малку, или секој миг по малку…


Долги години будењата по бессоните ноќи ми беа тешки. Мозокот веќе си го продолжуваше својот воедначен ритам, оти тој не запира ниту кога сме „длабоко“ внесени во сон, а очните капаци тешко се отвараат. Под дебелите дрвени ролетни немаше никаков зрак светлина, та тие не знаеа дека веќе е нов ден. Навикната на секојдневието кое завршуваше и започнуваше со многу надворешни тревоги, чкрипење на сопирачките на брзите автомобили, вресоци од млади и безгрижни луѓе, гласна турбо фолк музика од некое од бројните кафулиња во околината, беа нормална појава. Некогаш отповеќе ми пречеа, а некогаш уживав во лудостите на младоста која ми навлекуваше блага насмевка и ме враќаше во времето кое одамна заврши.


-Тишината ми пречи. Не можам да заспијам кога во главата ми „татни“ струењето на воздухот, или пак дишењето на кучето под терасата, велев по една летна преспиена ноќ на сеуште до крај неизградената мансарда на периферијата од градот. Велев и дека речиси целиот живот ми помина со многу луѓе, блиски, трајни и минливи пријатели,познајници, во итаници и долги телефонски разговори, и дека не можам да опстојувам во тишина. Ниту подалеку од градската врева. Кога сакав да се повлечам во себе и да бидам со себе, успевав или пак, така ми се чинеше.


„Животот пишува романи, а луѓето читаат стрипови“, често пати ми паѓаше на ум младешката фраза кога пред мене ќе се испречеше некој проблем. Од оваа дистанца тоа и не беа проблеми. Нивната тежина ја осознавав многу подоцна. За среќа на мојата природа краткотрајно мислев на тешкотиите, а многу повеќе време и мисли поминував во наоѓање начин за нивното надминување. И така во круг. А во еден вртлог кога кругот се движеше со незапирлива брзина се појави Ана. Таа првпат во мојата земја, во мојот дом, со многу разбирање за моите животни вртлози, подготвена да чуе малку, а да разбере многу. Ана сакаше да ја види мојата недоизградена мансарда. Чекореше полека прескокнувајќи ги нафрланите греди, делови од стариот мебел отпишан од употреба, со напластен прав на него, кој во тие мигови чинам беше слика на мојата душа, моето тело, на моето битие.


-Зошто не би се преселиле тука? Во овој период од животот треба нешто да смените. Најважно е да си го најдеш мирот, така како што јас го најдов пред неколку години кога ја напуштив Љубљана и се преселив во стара куќа на село. Насочи ја мислата и ќе се увериш дека нема да згрешиш, рече Ана внимателно симнувајќи се по стрмите неоградени скали.


Хм! Само за миг ми прелета мислата дека тоа е повеќе од невозможно, а веднаш потоа почнав да замислувам како изгледа мојот живот на мансарда. Сфатив дека во неа ќе ми треба само она што ми е најнеопходно за битисување, а не како се и сешто собрано во станот во центарот на градот. По неколку месеци пол век стариот кревет сместен до прозорецот на мансардата ми беше многу удобен. Очните капаци се отвараа на првите сончеви зраци кои навлегуваа низ прозорците без ролетни и без пердиња. Од креветот првпат во животот ги гледав облаците и небеската синевина, јата птици кои надлетуваа и прелетуваа над покривите. Можеби првпат или пак првпат успеав да сетам некаква слобода. Белите дробови слободно го впиваа кислородот, мирисот од зеленилото, тишината нарушена од црцорот на птиците навлегуваше во секоја пора од моето битие. И наеднаш не ми пречеа пајаците кои мирно плетеа мрежа на аглите од балконот, а пареата од утринското кафе во кругови се креваше над филџанот слободно и високо над мојата глава. Животот е исполнет, ако имаш на што да се сеќаваш, си помислив оти во тој миг се сетив на мојот во детството омилен словенечки писател Иван Цанкар. На неговата новела „Филџан кафе“, која навидум нема ништо заедничко со мојот филџан кафе, но пораките од неговото раскажување за сиромашниот и скромен живот почнаа да излегуваат едноподруго.


Во животот се тече и се се менува, а ние стануваме робови растргнати помеѓу желбите и можностите. Долго време бреме на нашето секојдневие е наметнатото потрошувачко општество и итаници да грабнеме што повеќе, да пластиме многу непотребни работи, предмети, да гледаме во туѓите животи со завист, да летаме како муви без глава се додека не не дрмне некоја тешка болест и да не опомене дека треба да забавиме. И да, да грешиме и да тагуваме поради туѓите гревови и грешки, да исфрламе отровни, а не љубезни зборови, да бидеме не луѓе, ами само човеколики суштества.

(Авторката е родена во 1960 година, во Куманово. Во новинарството е од 1985 година – за што има добиено две значајни признанија, а до сега има објавено и три книги: публицистика – „Патот на вистината“, раскази – „13“ и романот „Ликот во огледалото“.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *